1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Почна идентификација на жртвите во урнатиот руски авион

Делови од телата пронајдени по уривањето на рускиот „Сухој Суперџет-100“ се пренесени во полициската болница на истокот од Џакарта, по што форензички тимови започнаа со идентификација.

„Имаме вкупно 16 вреќи со тела. Во петокот беа донесени 12, а дополнителни четири денеска. Ниту едно тело не е пронајдено целосно“, рече денеска (12.05.2012) провинцискиот полициски шеф Сони Видјаја.

Роднини за жртвите во солзи гледаа како се пренесуваа вреќите со тела со воен хеликоптер во воената база во Џакарта. Сега околу 60 форензичари ќе ги сортираат остатоците од телата, дел по дел, и ќе земаат примероци од ДНК за да ги идентификуваат.

Мисијата за пронаоѓање на телата беше обновена денеска, откако тимовите се повлекоа вчера поради густата магла. Освен телата на жртвите, екипите ја бараат и црната кутија, која треба да покаже зошто се урна новиот „Сухој Суперџет-100“. Остатоците од авионот се расфрлани во околната џунгла.

Indonesien Flugzeug Absturz

Тимовите за пребарување излегоа во околната џунгла откако се расчисти маглата

Авионот се урна во средата во вулкан во близина на Џакарта. Нема преживеани патници. Авионот удрил во вулканот при движење од 450 километри на час. Леталото исчезнало од радарите 20 минути по полетувањето од аеродромот Халим Перданкусума во Џакарта. Властите велат дека руските пилоти побарале дозвола за спуштање на леталото од 3.000 на 1.800 метри, пред авионот да исчезне во планината Салак, која е висока 2.200 метри. Властите велат дека е нејасно зошто екипажот побарал да се промени курсот на летање, посебно кога биле толку блиску до вулканот.

Indonesien Flugzeug Absturz

Патничкиот авионот е прво руско производство по падот на Советскиот сојуз

Според информациите објавени од руската амбасада во Индонезија, во авионот имало 45 патници. Осум од нив имале руско државјанство, еден француско, еден е од САД и две лица од Италија. Останатите 33 патници се Индонезијци – во најголем дел претставници на локални авионски компании. Меѓу патниците одреден број биле и новинари.

Во истрагата за несреќата учествуваат и претставници на руските власти. „Суперџетот-100“ е најновиот авион, прв по распадот на Советскиот сојуз, произведен од руската авионска и вселенска индустрија и главна надеж на земјата за пробив на меѓународниот пазар на патнички авиони. Дизајниран е да пренесе од 75 до 95 патници.