1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Теми на денот

Почна воена операција на израелската армија во Појасот Газа

Израелската армија ноќеска изврши воздушни напади врз цели во Појасот Газа. Со оглед на изборот на целите ова не е почеток на најавуваната голема копнена офанзива.

Израелски тенкови на позиција кај градот Рафах

Израелски тенкови на позиција кај градот Рафах

Со оглед на изборот на целите, три моста и една електроцентрала, ова е тактички потег со кој треба да се пресечат сообраќајните поврзувања внатре во Појасот Газа и со тоа да се спречи пренесување на грабнатиот израелски војник од едно во друго место на палестинските автономни подрачја.

Среде заканувачката воена ескалација, остана недоволно забележан вчера постигнатиот компромис меѓу ривалските движења на Палестинците, Фатах и Хамас, со кој се прифаќа решението за создавање палестинска држава во коегзистенција со Израел.

Три дена по грабнувањето на израелскиот подофицер Гилад Шалит израелските оклопни единици влегоа во Појасот Газа. Портпарол на израелската армија утринава за американската ТВ мрежа СиЕнЕн негираше дека станува збор за почеток на повторна окупација на Појасот од кој Израел официјално се повлече:

„Наша цел не е повторно да го окупираме подрачјето на Газа. Го напуштивме и тоа е дефинтивно. Исто така немаме намера ниту да вршиме притисок само заради притисок„ – порача и израелскиот вице премиер Шимон Перес.

„По ослободувањето на војникот повторно ќе се повлечеме„ - додаде тој. Една тенковска единица зазеде позиција во близината на градот Рафах, каде се слушнал и артилериски оган. Воената операција на Израелците за сега не наидува на позначителен отпор од палестинска страна, јавуваат израелските медиуми, повикувајќи се на воени извори. Военото воздухопловство пак околу полноќ урна три моста јужно од градот Газа, а ја бомбардираше и единствената електроцентрала, по што поголеми делови од Појасот Газа останаа без струја.

Познавачите на приликите на Блискиот исток претпоставуваат дека целта на оваа операција било да се спречи префрлање на заробениот израелски војник преку границата кон Египет. Воен портпарол, пак, изјави дека мостовите биле разурнати за да се спречи пренесување на киднапираниот војник внатре во Појасот Газа. Според извештаите во интернет изданието на весникот Хаарец, тој се наоѓа во бегалскиот камп Кан Јунис.

„Нашето трпение е на крај„ – порача палестинското Народно движење на отпорот, кое според сопствени изјави не го држи само бараниот израелски подофицер, туку и еден еврејски доселеник киднапиран на Западниот брег. Израелскиот амбасадор во САД, Даниел Ајалон, го означи грабнувањето на војникот како „акт на војна„ и порача дека воената операција може веднаш да биде завршена, доколку палестинските екстремисти го пуштат на слобода.

Пеларинскиот претесдател Махмуд Абас ги вложува сите можни напори за да се најде војникот, појасни палестинскиот преговарач Саеб Ерекат:

„Претседателот лично вложува напори. Тој лично раководи со акцијата на пребарување куќа по куќа. Навистина се надевам дека успешно ќе ја завршиме оваа операција и ќе го најдеме и ослободиме војникот.„

Генералниот секретар на ОН, Кофи Анан ги повика обете страни на воздржаност. Тој разговараше со палестинскиот претседател Махмуд Абас, а денеска ќе контактира и со израелскиот премиер Ехуд Олмерт за да спречи натамошна ескалација на конфликтот. Меѓу бројните контакти со сите влијателни политичари од регионот, Анан разговараше по телефон и со сирискиот претседател Башар ел Асад. И високи претставници на ЕУ изразија загриженост од најновиот развој на Блискиот исток и побараа од радикалните Палестинци веднаш да го пуштат грабнатиот војник на слобода.

ЕУ истовремено изрази и задоволство од постигнатиот компромис меѓу ривалските движења Фатах на претседателот Абас и Хамаз на премиерот Ханија. Во вчера постигнатиот пробив во разговорите на највисоко ниво договорено е да се прифати принципиелно решението за две држави, палестинска и израелска. Со тоа индиректно се признава постоењето на државата Израел, што радикалниот Хамаз до сега упорно го одбиваше. Европската комисија бара сега да уследат и натамошни чекори се‘ до потполното откажување на разните палестински групи од употреба на сила и официјално признавање на државата Израел.