1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Почнаа самитот и несогласувањата на Г8

На годишниот самит на Г8 на едно место се собираат осумте најзначајни земји индустриски земји во светот. Климатските промени и економската криза се во центарот, а веќе се познати и делови од завршниот документ.

default

Логото на самитот ја отсликува најважната тема - заштитата на климата

Дел од учесниците на самитот на Г8 изутрината допатуваа во Италија и некои, како германскиот канцелар, Ангела Меркел, времето до почетокот на средбата го искористија за посета на регионот на Л’Аквила, разурнат од силен земјотрес во април годинава. A дека подземјето во овој регион е се` уште активно покажаа и серијата помали потреси што денеска ја погодија Л`Аквила, со јачина меѓу 2,2 и 2,8 степени според Рихтеровата скала. Доколку дојде до потрес посилен од четири степени, тоа би значело и моментен предвремен крај на самитот, иако учесниците се сместени во безбедниот објект на полициската академија.

Италијанскиот министер за надворешни работи, Франко Фратини, издвои три теми како најважни на средбата на лидерите на најразвиените индустриски нации на светот, што се одржува во екот на големата економска и финансиска криза: „Прво, донесување правила за спречување на нова економска криза и за справување со кризата, второ, утврдување појдовни основи по прашањето за заштита на природната околина како глобален предизвик, во контекст на преговорите за договор-наследник на протоколот од Кјото и трето, вклучување на Африка на политичко ниво, а не само како примател на средства од богатите земји“, истакна Фратини.

Неединство околу климатските цели

G8 Gipfel in L`Aquila, Italien, 2009

Додека лидерите разговараат за глобалните проблеми, жртвите од земјотресот во Л`Аквила се`уште чекаат помош

Што се однесува до надворешната политика, самитот најмногу ќе се концентрира на атомската програма на Иран и Северна Кореја. Агенциите, пак, веќе пренесуваат цитати од предлог-завршниот документ што треба да го потпишат шефовите на држави и влади на групата Г8. Во него тие го осудуваат протекционизмот на одделни држави и наведуваат дека светската економија се` уште е исправена пред „значителни ризици“ и се` уште е потребна помош. Покрај тоа, лидерите изразуваат загриженост поради постојаната „несигурност“ и „ризиците“ кои ја загрозуваат стабилноста на финансиските пазари и глобалната економија. Меѓутоа во комуникето не е постигната јасна согласност околу климатските цели што треба да се постигнат до 2050 година. Како што претходно соопшти германската канцеларка Меркел, до 2050 смее да се дозволи пораст на глобалната температура за два степена.

Средбата е неповторлива шанса за спречување климатска катастрофа, пишуваат претседателот на Комисијата на ЕУ Барозо и шведскиот премиер Рајнфелт во својот прилог за весникот „Хамбургер Абендблат“. Стотина активисти на еколошката организација Гринпис изутрината зазедоа кранови, оџаци и транспортни ленти на четири италијански термоелектроцентрали на погон на јаглен, како апел до учесниците на самитот на Г8 неодложно да се активираат за заштита на климата.

Автор: Штефан Трендле/Зоран Јордановски/Трајче Тосев/ ројтерс/дпа

Редактор: Александра Трајковска