1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Европа

Почнаа локалните избори на Косово

Претседателката на Централната изборна комисија Ваљдете Дака соопшти дека сите избирачки места, освен едно на севeрот на Косово, се отворени навреме. Во предвечерјето на изборите - насилство.

На гласачкото место, коешто не е отворено, не е поделен гласачкиот материјал, објасни денеска (03.11.) претседателката на ЦИК, Ваљдете Дака. Според нејзе, нема извештаи за „инциденти или евентуални неправилности“.

На Косово се отворени 798 избирачки центри со 2.366 избирачки места. Право на глас имаат 1.779.357 граѓани, кои гласаат за советници и градоначалници во 39 општини. Вкупниот број регистрирани гласачи надвор од Косово е 8.383.Од вкупно потврдените 103 изборни листи, 38 се албански, 33 српски, а останатите се листи на независни кандидати, како и на Бошњаци, Турци, Роми, Црногорци, Хрвати, Горанци и Ашкали. Изборите ги следат локални и меѓународни набљудувачи. За безбедоста на изборите се задолжени 5.500 косовски полицајци, а ангажирани се и меѓународните мисии ЕУЛЕКС и КФОР.

Првите прелиминарни резултати од денешното гласање се очекуваат утре, а официјални најдоцна до 6 ноември. Во вториот изборен круг, кој ќе се одржи на 1 декември, во општините каде ниту еден кандидат не ја освоил довербата на повеќе од 50 проценти на гласачите, ќе се гласа само за двајцата првопласирани, кои во првиот круг добиле најмногу гласови и со тоа добиле право да ја продолжат трката за градоначалник.

Тест за зрелоста на Косово

Косовската претседателка Атифете Јахјага оцени дека локалните избори ќе бидат тест за политичката зрелост на Косово во потрага по мирот со Србија и за аспирациите кон евентуално членство во ЕУ. Таа истакна дека учеството на Србите на изборите, кое е прво по прогласувањето независност во 2008 година, ќе помогне во интегрирање на оваа малцинска заедница.

Инаку, во текот на предизборниот молк се случија два инциденти кои фрлија сенка врз изборите. Вчера (02.11.) во Србица, од страна на припадник на косовската полиција е убиен кандидатот за советник на Алијансата за иднина на Косово, Беким Биринѓику. Дали инцидентот има политичка заднина, се‘ уште не е познато. Освен тоа, Кандидатот за градоначалник на Митровица Крстимир Пантиќ изјави дека непознати сторители се обиделе да го ликвидираат во ноќта спроти саботата (02.11.).

Мисијата на ОН на Косово во соопштение остро го осуди насилството. За демократскиот процес е потребно да нема насилство и заплашување, наведува УНМИК.