1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Почит и благодарност кон папата Бенедикт Шеснаесетти

Во Берлин веста за повлекувањето на папата Бенедикт Шеснаесетти удри како гром. Дел од политичарите во првите реакции освен изненадувањето го истакнуваат респектот кон поглаварот на Римокатоличката црква.

Германската канцеларка Ангела Меркел со највисок респект ја оценува одлуката за повлекување на папата. За неа останува незаборавен говорот на поглаварот на Римокатоличката црква во Бундестагот во 2011. година:

„Зборовите на папата уште долго ќе ме следат“, рече Меркел во Бeрлин. Папата секогаш беше свесен дека црквата може да функционира само во дијалог со светот и го водеше овој дијалог, изјави Меркел, укажувајќи на разговорите меѓу католичката и православната црква.

Германската влада по ненадејната најава за повлекување на папата Бенедикт Шеснаесетти ги истакнува неговите заслуги.

„Германската влада изразува највисокa почит за Светиот отец, неговите постигнувања, за неговото водство на католичката црква“, изјави владиниот портпарол Штефен Зајберт на владината прес-конференција во Берлин само неколку минути откако беше објавена веста за повлекувањето на папата.

„Тој стави сосем личен печат како мислител и како духовен пастир на чело на оваа црква“ , изјави Зајберт. Тој изрази благодарност за осумгодишното раководење на Бенедикт Шеснаесетти на Римокатоличката црква.

Германскиот сојузен министер за внатрешни работи Ханс-Петер Фридрих смета дека повлекувањето на папата длабоко ги погодува сите христијани.

Баварскиот премиер Хорс Зехофер длабоко жали за одлуката на Бенедикт Шеснаесетти, која заслужува полна почит:

„Со своето харизматично зрачење и неуморната активност за доборо на црквата папата од Баварија ги одушеви сите луѓе во светот. Ние сме горди на понтификатот на папата. Германија и Баварија имаат кон него бескрајна благодарност“.

Повеќе реакции беа објавени на Твитер.

Генералниот секретар на Христјанско-демократската унија Херман Гре: „Голем респект за одлуката на папата Бенедикт Шеснаесетти и неговиот живот во служба на Евангелието и луѓето“.

Заменикот-генерален секретар на Христијанско-социјалната унија Доротее Бер напиша: „Јас сум потресена од оставката на папата Бенедикт Шеснаесетти“.

Пратеничката од Социјалдемократската партија Керстин Гризе на Твитер напиша: „Папата на Розенмонтаг најави оставка. Вакво нешто никој не можеше да си претпостави. Но, сега останува надеж во реформи, итно потребни!“

Претседателот на Германската бискупска конференција, надбискупот Роберт Цолич, најавеното повлекување на папата го означи како „голем човечки и религиозен гест“:

„Ние, германските бискупи, му благодариме на папата за неговата служба на Светата столица, обземени од голем респект за неговата одлука. Папата Бенедикт Шеснаесетти на целиот свет му пружа светол пример за вистинска свест за одговорност и жива љубов кон црквата“, се вели во денеска објавеното соопштение во Бон.

Денешниот Розенмонтаг во делови од Германија е празник. Веста за повлекувањето на папата многумина граѓани ја дознаа за време на традиционалните улични карневалски поворки на Розенмонтаг.