1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Почитување на различноста

Во тетовско и гостиварско, конфликтите меѓу учениците од македонскиот и албанскиот етникум се во опаѓање – покажа социопедагошката студија на социологот Азиз Вејсели, презентирана на Државниот универзитет во Тетово.

default

Тетово

Студијата е заснована врз анализа на анкетата меѓу 1200 ученици од средните и основните училишта во Тетово и Гостивар, меѓутоа само од албанските паралелки. Замавот на внатрешноетничките предрасуди е причина за порастот на конфликтите во рамките на една иста етничка група.

„Се бележи значителен пораст на судири меѓу самите ученици Албанци, но не и со нивните врсници од македонските паралелки“, констатира авторот на истражувањето Вејсели и дополнува: „Повеќе конфликти има внатре во еден етникум, а помалку меѓу различни етникуми. Политиката, притоа, игра улога, зашто се гледа дека во неа влегуваат многу млади, кои одат по митинзите.“

„Нема причина за тепачки - раздвоени сме!“

Професорот по социологија на етничките групи од Институтот за социологија на универзитетот „Св.Кирил и Методиј“, Константин Миневски се надоврзува на тоа: „Децата се поделени од основно до средно училиште. Онаму каде што има таква поделеност, нормално е дека конфликти ќе има внатре, во самата етничка група.“

Еден ученик од прва година од македонските паралелки во средното земјоделско училиште, каде што порано неретко се случуваа тепачки меѓу Албанчињата и Македончињата, објаснува зошто е тоа сега многу намалено: „Оваа учебна година ние следиме настава во стариот училишен објект, а Албанците во новиот. Затоа сега нема причини за тепачки и судири - раздвоени сме.“

Една матурантка од албанските паралелки од средното медицинско училиште смета: „Сепак, етничките разлики

Schuljungs in Tirana Albanien

Конфликти во самите етнички групи

овде се мали, тие речиси и не постојат.“

Нејзин врсник на прашањето - што е потребно за

да се отстранат предрасудите и меѓуетничките конфликти, одговара кусо: „Пред се‘, потребна е толеранција.“

„Прстите на политиката подалеку од образовните институции!“

Политиката да не меша прсти

Фатби Османи, менторот за студијата за конфликтите во образовните институции во Полошкиот регион, кој е професор на државните педагошки факултети во Скопје и Тетово, посочува: „Политиката треба конечно помалку да ги меша прстите во институциите каде што се врши воспитнообразовна дејност. Ние сме сведоци на настани, кои се случија во некои градови во западниот дел на Република Македонија, кои веќе се исполитизираа во толкава мера, што младите таму станаа нетрпеливи меѓу себе.“

Професорот Миневски дополнува: „Политичките партии ги злоупотребуваат и на некој начин можат да ги поттикнат, да ги засилат дискриминациското однесување и веќе утврдените предрасуди, кои првично се создаваат и се попримаат во семејството и меѓу врсниците.“

Со зближување против предрасудите

Веројатно едно од најважните прашања е: како да се спречи „вградувањето“ на предрасудите и стереотипите за другите етникуми во свеста на младите? Професорот Османи во врска со ова заклучува: „Во програмите во училиштата треба да се внесат нови содржини, кои ќе можат да придонесат за мултикултурноста, интеркултурализмот и социјализацијата кај младите, со цел да дојде до почитување на различноста, зближување и интензивно комуницирање. Треба да ги поттикнуваме децата да се натпреваруваат во полето на културата, со знаења и со други вредности. Нивното зближување, секако, придонесува кон намалувањето на стереотипите и предрасудите меѓу нив.“


Автор: Свето Тоевски

Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска