1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Почина Умберто Еко

Улрике Кваист20 февруари 2016

Кога универзитетски професор и лингвист ќе одлучи да напише роман, не мора секогаш да биде крунисано со успех.Но Умберто Еко токму со својата професија професор знаеше да пишува романи интересни и за пошироката публика.

https://p.dw.com/p/1Hz2h
Фотографија: Getty Images/AFP/F. Guillot

Еден од најпознатите италијански писатели, Умберто Еко почина во петокот (19.2.) доцна вечерта. Како што објави италијанскиот весник Ла Рeпублика повикувајќи се на неговото семејство, писателот почина во својата 84 година по долга и тешка болест.

Иако во светската јавност пред сѐ е познат како писател, во Италија важеше и за одличен познавач на Средниот век и лингвист. Исто така беше и политички активен, а особено беа жестоки неговите критики за поранешниот премиер Силвио Берлускони.

Иако и пред тоа објави повеќе стручни дела, вистинската слава ја стекна со романот „Името на розата“ (1980.) според кој е снимен филм со Шон Конери во главната улога. Следеа и други дела кои беа преведени во многу земји во светот („Нишалото на Фуко“, „Островот на претходниот ден“, „Баудолино“, „Таинствениот пламен на кралицата Лоана", „Прашки гробишта“ и последниот роман, „Нулта година“- „Year zero“ во 2015. година)

Der Name der Rose mit Sean Connery
Фотографија: picture-alliance/dpa

Еко е роден 1932. година како син на книговодител во мало место во покраината Пиемонт, во Алесандрија. Студирал во Торино, прво право по желба на татко му, а потоа преоѓа на студии по филозофија и историја на книжевност- докторирал на тема Томо Аквински. Потоа работел и на италијанската државна телевизија, а иако медиумски останал присутен се’ повеќе се занимавал со наука и во 1971. година станал професор по семиотика на унивезитетот во Болоња.

Умберто Еко уште на почетокот на 60-тите години се оженил со германската историчарка на уметност Ренате Рамге со која има две деца. Се’ до крајот на животот живееле во Милано и сакал да се фали дека во неговата домашна библиотека има околу 50.000 книги.

Umberto Eco, italienischer Autor und Wissenschafter
Фотографија: Imago/Leemage