1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Панорама

Почина продуцентот на „Парфем“

Во Лос Анџелес во 61-та година од животот почина германскиот продуцент, режисер и сценарист Бернд Ајхингер. Остануваат незаборавни неговите дела, меѓу другите „Парфем“, „Хитлер, последните денови“, „Името на розата“...

default

Бернд Ајхингер остави зад себе вредни филмови

Бернд Ајхингер умре неочекувано во понеделникот вечерта од срцев удар. Смртта го затекна на вечера со семејството и пријателите. Во соопштението на продуцентската куќа „Константин филм“ се вели: „Шокирани сме од веста за смртта на Бернд Ајхингер, со него загубивме голем пријател и соработник. Бернд 30 години беше мотор, речиси срцето на ’Константин филм’ и и‘ даде голем печат на филмската индустрија, како на национален, така и на меѓународен план“.

Produzent Bernd Eichinger mit Frau Katja

Ајхингер и сопругата Катја

Ајхингер е роден во 1949 година во Нојбург на Дунав, студираше на Факултетот за телевизија и филм во Минхен, а беше прв човек на „Константин филм“ до 2001 година. За оваа продуцентска куќа тој продуцираше над 50 филмови. Само во германскиот јазичен простор неговите филмски приказни ги имаат видено повеќе од 80 милиони кино посетители. Ајхингер беше еден од најзначајните германски, но и светски успешни филмски продуценти. Неговиот последен голем успех беше филмот „Бадер Мајнхоф комплекс“, две години претходно кината профитираа од неговите продукции, „Парфем“, кој направи обрт од 130 милиони долари и „Елементарни делови“. Во неговите најпознати дела се вбројуваат и „Бескрајна приказна“ и „Името на розата“. Филмот за последните денови на Хитлер во 2005 година беше номиниран за Оскар како најдобар странски филм, а „Никаде во Африка“ во 2003 година го доби највисокото филмско признание. Последен пат Ајхингер беше номиниран за Оскар во 2009 година и тогаш изјави:

„Номинирани сме за Оскар, повеќе не може да се постигне во оваа бранша. Тоа е доволна награда“. Ајхингер ова го изјави во интервју во Лос Анџелес, во времето кога се наоѓаше на врвот на својата кариера.

Автор: ЖА/ СН/ дпа/ дв

Редактор: Александра Трајковска