1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Почина „мистер Епл“

Технолошкиот визионер и компјутерски револуционер, Стив Џобс почина на возраст од 56 години, како последица на тешка болест. Основачот на „Епл“ долги години боледуваше од ретка форма на рак на панкреас.

default

Илјадници луѓе утринава му оддаваат почит на Стив Џобс во продавниците на „Епл“ од САД до Австралија. Знамињата пред седиштето на компанијата во Купертино, Калифорнија се на половина копје, а фановите на Џобс оставаат свежо цвеќе и свеќи пред зградата на Епл.

Џобс почина вчера на 56-годишна возраст по долгогодишната битка со ретка форма на рак на панкреас. Тој се повлече од водечката функција во Епл во август минатата година, откако повеќе не можеше да се бори со болеста и со последиците од неа.

Steve Jobs

Концерн со култен статус

Во 1976 година Џобс го основаше „Епл“ во гаражата на своите родители заедно со другар од средно училиште. Во 1985 година, по судирот со бордот на директори го напушти претпријатието, но се врати во 1997 година, во момент кога „Епл“ беше речиси банкротиран.

Под раководство на Џобс, „Епл“ стана една од највредните компании во светот. Иновациите како Ајпод, Ајфон или Ајпед се магнет за потрошувачите и со нив концернот стекна култен статус. Кон тоа придонесе и личната презентација на Џобс на производите на компјутерскиот концерн. Неговиот наследник нема да може да живее на стара слава. Конкуренцијата на пазарот на т.н смартфони никогаш не била поголема. „Епл“ води со повеќе фирми спорови заради патенти, а слабее и продажбата на Ајпед.

Trauer Steve Jobs

Вљубеник во Битлси и Боб Дилан

Сепак, „Епл“ успеа лани да го надмине и „Ексон мобил“ како највредна компанија на светските берзи. Сето тоа беше заслуга на Џобс, кој со својата инвентивност и способност изгради вистинска империја.

Џобс беше познат по својата оригинална гардероба која речиси секогаш се состоеше од црна блуза, фармерки и патики, но и по тоа што уживаше да презема цитати од своите омилени музички икони Битлси и Боб Дилан.

„Вашето време е ограничено, затоа не го трошете залудно живеејќи нечиј друг живот. Не дозволувајте мислењето на другите да го задуши вашиот внатрешен глас. И најважно, имајте храброст да ги следите вашето срце и интуиција. Се’ друго е споредно“, гласеше една од неговите најпознати изјави дадена пред студентите на Универзитетот Стенфорд во 2005 година.

Автор: Борис Георгиевски/афп/дв

Редактор: Симе Недевски