1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Почина Маргарет Тачер

Поранешната британска премиерка позната како „Челичната Леди“ почина во 87. година од животот. Тачер починала утрово од мозочен удар

„Со голема тага Марк и Карол Тачер соопштуваат дека нивната мајка, Баронесата Тачер почина мирно утрово“, соопшти портпаролот на семејството лордот Тим Бел.

Маргарет Тачер беше британски премиер со најдолг стаж, како лидер на Конзервативната партија таа беше на функцијата од 1979 до 1990 година. Истовремено таа беше и единствената жена во досегашната британска историја која ја извршувала таа функција.

Иако по вокација хемичар, Тачер ја започна својата политичка кариера како локален пратеник во 1959 година. Премиерот Едвард Хит ја именуваше за министер за образование и наука во владата во 1970 година. Во 1975. година таа го порази токму Хит на партискиот конгрес и стана лидер на, тогаш опозициската Конзервативна партија, но и прва жена лидер на политичка партија во Велика Британија. Стана премиер по победата на парламентарните избори во 1979 година.

По доаѓањето на власт Тачер спроведе серија политички и економски реформи. Клучна улога во нејзината политика играше дерегулацијата на финансискиот сектор, либерализацијата на пазарот на трудот и приватизацијата на државните компании. Влезе и во директен судир со моќните синдикати на кои по секоја цена се обидуваше, и на крајот и успеа, да им ги намали моќта и влијанието.

Иако во првите години по доаѓањето на власт нејзината популарност брзо опадна поради економската криза и големата невработеност, таа успеа да си го врати рејтингот преку победата во Фолкландската војна против Аргентина во 1982 година. Благодарение на воениот успех таа беше реизбрана на изборите во 1983. година, а во 1987. доби и трет мандат на функцијата. Оставка на функцијата даде во ноември 1990 година, откако се соочи со отворен отпор против политиката која ја водеше и во владата и во Конзервативната партија.

Конзервативните политики кои ги спроведуваше како премиер останаа познати под името Тачеризам.