1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Почина еден голем Германец

Сабине Кинкарц
16 јуни 2017

Германскиот државен врв, но и политичари од сите партии му оддаваат почит на поранешниот канцелар Хелмут Кол во прв ред за неговите заслуги за европското и германското обединување.

https://p.dw.com/p/2eqKP
Altbundeskanzler Helmut Kohl
Фотографија: Reuters/T. Schwarz

Поранешниот канцелар Хелмут Кол беше „среќен случај за нас Германците“ изјави германската канцеларка Ангела Меркел, која е во Рим во посета на папата Францско. Канцеларката која израсна во некогашната социјалистичка Германска Демократска Република ја истакна личната поврзаност со неговото дело: Халмут Кол значајно го променил и нејзиниот живот, рече канцеларката и истакна дека тој бил политичар и „врвен државнички мајстор во служба на човештвото и мирот“. „И поради реформите кои ги спроведе имаме многу да му благодариме. А јас сум лично благодарна што го имаше“, рече Ангела Меркел, додавајќи дека се поклонува пред сеќавањето на неговото дело.

Во сличен дух се и изјавите на други водечки германски политичари и тоа независно од политичката определба. Така се огласи и поранешниот канцелар од редовите на социјалдемократите Герхард Шредер кој признава дека со Кол во 1998 воделе жестока изборна битка еден против друг и во многу прашање се разликувале, но и оти имал најдлабоко почитување за историските достигнувања на Хелмут Кол. Според Шредер, Кол бил „голем патриот и Европеец“.

Altbundeskanzler Helmut Kohl
Фотографија: picture-alliance/augenklick/J. Fromme

Актуелниот претседател на германската Социјалдемократска партија и кандидат за канцелар Мартин Шулц изјави дека Кол поставил историски насоки за Германија и за Европа и стекнал заслуги кои се трајни и кои нема да бидат заборавени.

Претседателот на Германија, Франк Валтер Штајнмаер во изразите на сочувство до вдовицата на Хелмут Кол, Мајке Кол-Рихтер, посебно ја истакнал заслугата на поранешниот канцелар за пријатеството меѓу двете големи европски нации. Франција и Германија. Тоа пријателство беше „свесно за широкоградоста и подготвеноста за помирување кои Франција и ги пружи на Германија по крајот на Втората светска војна.

„Почина еден вистински голем Германец“, истакна пак германскиот министер за надворешни работи Зигмар Габриел. „Тој беше голем државник, голем германски политичар и во прв ред голем Европеец, кој стори навистина многу не само да се дојде до единство на Германија туку и на Европа“. Тоа е големо наследство на Кол и така тој ќе остане во сеќавање, рече Габриел.

И претставници на опозициските партии на Зелените и на Левицата му одадоа почит на „канцеларот на обединувањето“, истакнувајќи ги неговите историски заслуги за единството на Германија и на Европа.

 

Kinkartz Sabine Kommentarbild App
Сабине Кинкарц новинарка на ДВ