1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Почина владиката Кирил

По кратко боледување почина митрополитот Полошко-кумановски, господин Кирил. Комисијата за односи со верските заедници денеска испрати телеграма со сочувство до МПЦ-ОА.

default

Митрополитот Полошко-кумановски господин Кирил почина на 79-годишна возраст по кратко боледување.

Владиката Кирил е роден на 23 јуни 1934 година во селото Царев Двор, Преспанско. По завршувањето на средното богословско училиште во Призрен, во 1964 година се замонаши во манастирот „Света Причеста“ во Кичево. Владиката Кирил студираше на Московската духовна академија на Руската православна црква во Загорск, каде заврши прв степен на студиите. Со недовршен факултет две години потоа тој бил повикан во Македонија. Во 1967 година во соборниот храм „Свети Димитриј" во Скопје, Владиката Кирил беше хиротонисан во епископскиот чин. Извесен период тој раководеше и со Австралиската и со Американско-канадската епархија, а во 1987 година беше назначен за Полошко-кумановски митрополит.

Тој е прогласен е за почесен граѓанин во повеќе од 15 града во САД и во Канада и во неколку града во Австралија. Добитник е на повеќе признанија, плакети, како и на Орден заслуги за народ.

Телеграма со сочувство

Комисијата за односи со верските заедници денеска испрати телеграма со сочувство до Македонската православна црква-Охридска архиепископија по повод ненадејната смрт на владиката Кирил, митрополит Полошко-кумановски и поранешен митрополит на Американско-канадската и Австралиската епархија.

„Митрополитот Кирил, како еден од потписниците на возобновувањето на автокефалноста на МПЦ, даде значаен придонес во зајакнувањето на единството на Македонската православна црква-Охридска архиепископија и за нејзината афирмација во светот. Неговата добрина, чесност и правдољубивост беа синоним за човекољубие, христијанска љубов, слога и разбирање. Неговото црковно-духовно и културно-просветно дело му покажа на целиот свет како се гради, интегрира и почитува својот црковен и духовен идентитет. Митрополитот Кирил засекогаш ќе остане запаметен како голем црковен и духовен деец чии дела ги зближија Македонците од целиот свет, а со својот пример покажа како е да се биде горд и верен син на Македонија и на својата мајка-Светиклиментовата Македонска православна црква“, се вели во телеграмата со сочувство.