1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Почина Вацлав Хавел, екс-претседателот на две држави

Книжевник и политичар - почина поранешниот претседател на две држави и дисидент Вацлав Хавел. По долгогодишно заболување на дишните патишта, Хавел почина во 75-та година од животот.

default

Книжевник и политичар

Што била најапсурдната работа за време на неговиот мандат како претседател, беше во една пригода прашан Вацлав Хавел. Одговорот гласи: тоа што толку долго останав претседателт и тоа уште на две држави. Прво Чехословачка, а потоа од 1993-та година на Чешка.

„Хавел на Храд“  - Хавел во претседателскиот кабинет, извикуваа демонстрантите во ноември 1989-та година на Вацлавскиот плоштад во Прага. Малиот писател со мустаќи, кој на почетокот на 1989-та година уште беше во затвор, тој треба да стане претседател, бараше народот.

Овации и горчливи моменти за Хавел

Желбата стана реалност. „Вистината и љубовта мора да победат над лагите и омразата“, ќе рече Хавел пред толпа демонстранти за само неколку недели подоцна да стане претседател. И уште повеќе! Мирниот и скромен човек, одненадеш ширум светот стана симбол за новиот демократски поредок во неговата земја. При еден говор во американскиот Конгрес, Хавел ќе рече: „Од пред само два месеца сум претседател, а не сум минал низ никава школа за претседатели. Животот е моето единствено училиште“.

Flash-Galerie Vaclav Havel

Хавел во 1989 година

Животот, кој не му беше така лесен. Поради неговото граѓанско потекло, Хавел не смееше да студира. Тој беше помошник во театар, но пишуваше и театарски дела, а стана и критичар на режимот, во 1968-ма година кога трупите на Варшавскиот пакт вмаршираа во Прага и во 1977-ма како еден од основачите на демократското движење Повелба 77. Иронијата на судбината сакаше во јули 1991-ва година во Прага самиот Хавел да му стави крај на Варшавскиот пакт.

Хавел беше човек за помирувањето. Тој беше оној кој прв го осуди протерувањето на Судетските Германци. „Не ги протеравме врз основа на докажана вина на секој поединец, туку само како припадници на еден одреден народ. На многу невини луѓе, особено жени и деца, им нанесовме голема болка“. 

Претседателството на Хавел имаше и горчливи моменти. „Доста ни е од Хавел“ извикуваа, летото 1992-та година словачките националисти и го гаѓаа со јајца. Кратко потоа Хавел поднесе оставка, како претседател на Чехословачка.

Десет години претседател на Чешката Република

Неговата земја беше поделена, а во 1993-та година Хавел стана претседател на Чешката Република. На функцијата остана десет години и покрај тешката болест. Хавел беше критичар, моралист, човек која ја водеше неговата земја во правец на Западот, но истовремено и претседател кој критикува. „Глобална цивилизација,

Vaclav Havel

Вацлав Хавел критичар и борец за човекови права

која денес го опфаќа целиот свет, која не‘ принудува на истите производи, на истите навики, на истите мустри на однесување и форми на комуникација  - сето ова не‘ приближува, но истовремено провоцира противреакциии во форма на растечки национализам, фундаментализам и фанатизам - етнички, религиозен, социјален и идеолошки“.

На почетокот на 2003 -та година заврши последниот мандат на Вацлав Хавел. Но, вистински да замине во пензија, тоа не го доживеа. Постојано се залагаше за човековите права, онаму каде што требаше да се спроведат или барем ако некои мислат, дека мора да бидат спроведени, на пример во Ирак. Иритирачки за Западна Европа, каде сликата за „добриот човек од Прага“ беше разнишана.

Во последните години Хавел повторно ја изрази сопствената креативност - напиша книга за своето претседателство и најголемиот сон на драматургот, уште едно театарско дело. Драмата „Заминување“ беше изведена во 2008 година со голем успех. Една театарска претстава за поранешен претседател, кој станува луд без политиката. Но, се’ до псоледните месеци Хавел тврдеше: ова дело нема автобиографски елементи.

Автор: Петер Хорнунг/ Александра Трајковска

Редактор: Жана Ацеска

Аудио и видео прилози на оваа тема