1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Панорама

Почеток на 70. Венециски филмски фестивал

Најстариот филмски фестивал на светот – Филмскиот фестивал во Венеција, се отвора денеска и тоа по 70 пат. Ќе бидат прикажани 53 филмови - 20 се во официјална конкуренција, а многу од нив се занимаваат со сериозни теми.

Првиот филм, со кој официјално се отвора годинашниот Филмски фестивал во Венеција, ветува многу. Станува збор за филмот „Гравитација“ на мексиканскиот режисер Алфонсо Куарон, во кој главните улоги ги толкуваат оскаровците Џорџ Клуни и Сандра Булок. Тие играат пар астронаути, кои по несреќата на нивниот вселенски брод се обидуваат да преживеат во вселената. Филмот е снимен во 3Д-техника и освен силните драмски сцени, првенствено ветува спектакуларни визуелни ефекти.

Низа квалитетни филмови

И многу други филмови, кои меѓу 28. август и 7. септември ќе бидат прикажани во Венеција, ветуваат многу. Меѓу 20 филмови, кои се наоѓаат во официјална трка за главната награда – Златниот лав, може да се најде цела низа на оние кои кај љубителите на вистинскиот, квалитетен филм будат надеж дека добрите филмови се’ уште постојат.

Таму ќе се презентираат делата на старите мајстори, како што е на пример филмот „Филомена“ на Британецот Стивен Фреарс, во кој Џуд Денч игра жена која е во потрага по својот син, кого некогаш го дала на посвојување. Со големо нетрпение се очекува филмот на Тери Вилијамс „Нулта теорема“, во кој Кристоф Валц толкува компјутерски хакер во потрага по смислата на животот, како и филмот на Јапонецот Хајаоа Мијазакија. Во конкуренција се наоѓаат и повеќе американски независни режисери – Дејвид Гордон Грин, Кели Ричард, како и Џејмс Франко. Како еден од најголемите фаворити е и Канаѓанецот Ксавиер Долан. 24-годишниот режисер во Венеција го претставува својот четврти филм „Томовата фарма“, во кој толкува и една од главните улоги.

Filmfestspiele in Venedig Symbolbild

Кому ќе му припадне Златниот лав оваа година?

Посебно изненадување оваа година е фактот што во официјална конкуренција се наоѓаат дури два документарни филма. Американецот Ерол Морис во филмот „Непознатото познато“ го интервјуира поранешниот американски министер за одбрана Доналд Рамсфелд, откако тој замина во пензија. Вториот документарец е дело на Италијанецот Џанфранко Роси „Сакро ГРА“. Станува збор за снимки од периферијата на Рим. Иако не спаѓа во таа категорија, со сличен карактер е и филмот „Жената на полицаецот“ на Германецот Филип Гренинг, кој исто така е во трка за главната награда. Во филмот се обработува темата за насилство во семејството.

Бертолучи претседател на жирито

И други филмови кои ќе бидат прикажани оваа година, вклучувајќи ги и оние надвор од официјалната конкуренција, се занимаваат со т.н. тешки теми. „Сексуално насилство и злоупотреба, грабнувања, пропаднати бракови – тоа се се’ теми врзани за ’темната и насилна стварност’ во која живееме. Режисерите од тоа не ни можат да шират оптимизам“, рече во очи на отворањето водителот на фестивалот Алберто Барбера.

Што се однесува до стучното жири, со него оваа година ќе претседава 73-годишниот италијански режисер Бернардо Бертолучи, автор на „Последниот кинески цар“ и „Последното танго во Париз“. Останатите членови се германската актерка Мартина Гедек, француската актерка Виржини Ледуаја, режисерите Андреа Арнолд и Пабло Лараин. Една од челеновите на жирито е и Кери Фишер, позната по улогата на принцезата Ли од првиот дел на трилогијата „Војна на ѕвездите“.