1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Почеток на тешки години за Обама

Во Вашингтон првпат заседаваше 112-от состав на Конгресот, во кој во Претставничкиот дом мнозинство има Републиканската партија, која може да ги блокира законските иницијативи на владата на претседателот Обама.

default

Џо Бенер, новиот спикер на Претставничкиот дом

На првата седница на Претставничкиот дом (05.01.2011), 434-те пратеници најпрво го избраа својот нов спикер, што беше формалност. Републиканците, кои на изборите за Конгресот во ноември освоија дополнителни 63 мандати, сега се мнозинство и едногласно гласаа за својот кандидат, Џо Бенер, 61-годишен пратеник од Охајо, а во Конгресот е веќе 20 години. Тој најави напорна работа и тeшки одлуки:

„Не смееме веќе да потфрлиме, не смееме да играме на време, народот ни‘ даде инструкции и ние започнуваме да ги спроведуваме.“

Најава за измена на реформите

Републиканците својата изборна победа ја сфаќаат како мандат да ги сменат реформите кои ги изгласа претходниот состав на Конгресот, пред се‘ во здравството, кое ќе се најде на дневен ред веќе идните недели. Меѓутоа, тоа има повеќе симболичен карактер. За да стапат во сила, законите мора да добијат поддршка и во Сенатот, кој исто така ја имаше првата сендица. Но, таму мнозинство има Демократската партија, а крајно, претседателот може да стави вето.

Pelosi / Boehner / Repräsentantenhaus

Џо Бенер ја презеде функцијата од Ненси Пелоси

Републиканците, сепак, сега ги диктираат правилата во Претставничкиот дом. Уште првиот ден усвоија повеќе промени, со кои го олеснија скратувањето на државните давачки и намалувањето на даноците, двата приоритети на републиканците. Нивниот пратеник Ерик Кантор објасни:

„Ќе ги намалиме државните издатоци и ќе ги укинеме законите кои предизвикуваат затворање работни места. Ќе и‘ дадеме поттик на економијата и ќе овозоможиме отворање работни места во приватниот сектор.“

Следува тежок период за Обама

Кон крајот на минатата година на американскиот претседател Обама му успеа да протурка уште неколку важни законски иницијативи. Сега ќе биде многу потешко, посебно за реформите во областа на доселувањето и енергијата. Демократите и републиканците мора да се подготвени на компромиси, во спротивно ќе настане блокада. Роберт Гибс, портпаролот на Обама, вчера изјави дека Белата куќа е свесна дека следните две години ќе бидат поинакви од претходните.

Промени има и во персоналот во Белата куќа. Гибс следниот месец ја напушта функцијата, која ја презема советникот Дејвид Акселрод. Пол Вокер, поранешниот шеф на американската емисиона банка ќе биде главен стопански советник на Обама. Значи, картите наново се мешаат.

Автор: Кристина Бергман / Жана Ацеска

Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска