Почеток на маратонски консултации меѓу Скопје и Атина | Македонија | DW | 02.01.2018
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Почеток на маратонски консултации меѓу Скопје и Атина

„Маратонот“ мора да заврши до почетокот на јули, односно до Самитот на НАТО, пишуваат грчки медиуми. Според дел од нив, дури и да нема Самит, време е за решение и за политичка храброст од двете страни.

Почеток на тешки консултации. Ќе се искористи ли оваа шанса до јули? Ова се дел од јануарските прашања во грчките медиуми, кои пишуваат дека со почетокот на 2018-та година почнуваат и   жешките обиди за решавање на спорот за името.

„Од почетокот на новата година започнува маратон во консултации меѓу грчката влада, македонската влада и специјалниот посредник на ОН, Метју Нимиц, со една единствена цел: да се дојде до договор за името на соседната земја и тој да биде изгласан од парламентите на двете земји најдоцна до почетокот на јули, кога треба да се одржи Самитот на НАТО“, пишува „Прото тема“.

„Но, договорот за ова прашање воопшто не е лесен, и покрај првичната посветеност на двете земји дека ќе сторат сѐ што можат за успешен исход“, се вели во анализата. Како илустрација се посочува истражување во Скопје во кое 15,6% од оние кои се согласуваат со промена на името се изјасниле како Македонци и 81,4% како Албанци. Спротивно на тоа, од оние кои не се согласуваат со промена на името, 67,1% се изјасниле како Македонци, а 7,2% Албанци.

Според весникот „То вима“ спорот ќе ја тестира и коалициската врска  меѓу „Сириза“ на премиерот Алексис Ципрас и АНЕЛ, партијата на министерот за одбрана Панос Каменос, кој се противи на решение што ќе го содржи зборот „Македонија".

„Интензивната дипломатска активност за прашањето за името на Поранешната југословенска Република Македонија, дури и во присуство на премиерот Зоран Заев во Солун за Нова Година предизвикува тензии меѓу Сириза и Анел“, пишува „То вима“. Притоа потенцира дека големата желба на САД да се затвори ова прашање до Самитот на НАТО, (поради силното присуство на Русите на Балканот) развива силна шаховска серија, не само на дипломатско ниво, туку и на домашната политичка сцена, каде Каменос е непредвидлив фактор кој може да предизвика сериозен проблем во владината коалиција, особено што неговата партија е силна во северна Грција, каде што има голема чувствителност кон националните прашања. Медиумите потсетуваат и дека Киријакос Мицотакис, лидер на опозициската Нова Демократија, ги повика Ципрас и Каменос да поднесат оставки поради тоа што во владата немаат единствен став по спорот за името.

Повик до прогресивните

Засега нема конкретен датум кога ќе продолжат разговорите, но Нимиц ги најави за почетокот на годината, како и неговата намера во нив да ги вклучи и министрите за надворешни работи, и премиерите.

„Екатимерини“ во коментар потенцира дека „доаѓа моментот на вистината, оној што грчките политичари се надевале дека ќе го одложат засекогаш“. Во него се оценува дека штетата предизвикана од неможноста да се најде решение задоволително за двете страни, имало последици далеку поголеми од оние предвидени на почетокот на проблемот.
„Цената не беа само лоши билатерални односи со 'Македонија': Спорот имаше тешки последици на домашните случувања во двете земји и нивните надворешни односи. И во двата случаи, национализмот беше поттикнат, предизвикувајќи решенија кои ги спречија шансите за компромис (...) Сепак, јасно е дека дури и без наредниот самит на НАТО, време е за решение и за политичка храброст од двете страни“, се вели во коментарот.

Во друга анализа се потенцира дека „сега кога за првпат постои умерена и проевропска влада во Скопје, условите изгледаат зрели за достоинствено решение“, но и дека додека премиерот Ципрас бара решение, министерот за одбрана отворено изразува противење кон можен компромис, а во меѓувреме се слушаат и гласини дека се формира нова партија во северна Грција, на која спорот за името би можел да послужи како совршена отскочна штица.

Медиумите се повикуваат и на експертски ставови дека нема да биде лесно да се дојде до компромис, но ја пренесуваат и изјавата на лидерот на партијата „Потами“, Ставрос Теодоракис, дека е крајно време за решение. Според него, тоа треба да се бара во сложено име кое го опфаќа и името „Македонија“, но со јасна географска одредница што ќе го разликува од грчка Македонија.

„Ние прогресивните граѓани и политичари треба да видиме дека решението е пред нас, и не треба да чекаме. Ги повикуваме сите кои навистина се грижат за иднината на земјата и на нашите деца, да се осмелат. Регионот, Балканот, сакаат разбирање и соработка. И Грција е протагонист. Позитивниот протагонист“, изјавил Теодоракис.

Mazedonien | Flughafen von Skopje umbenannt in Alexander der Große (picture-alliance/dpa/G. Licovski)

Преименување на скопскиот аеродром - еден од потезите на приближување

Подобрена комуникација

Весникот „Катемерини“ во анализа посветена на „тешките чекори кон решението за името“, пишува дека Нимиц не ги открива неговите предлози за решавање на спорот, но дека се очекува да се зголеми притисокот од меѓународните актери кои сакаат брзо решавање на спорот, претежно од Американците и Европејците (најмногу Германците) за деблокирање на евроатлантската перспектива не само за Македонија, туку и за другите земјите од Западен Балкан, кои се изложени на ризик од дестабилизација или руска пенетрација. Времето за решавање на спорот за името мора да се бара до летото 2018-та година, не само заради фактот дека во јули ќе се одржи самитот на НАТО, туку и поради фактот дека и Грција и Македонија во 2019 година ќе влезат во изборни циклуси. Притоа се истакнува дека во дипломатските разговори Атина ја следи реториката на „добра волја“ изразена од Заев, но со прашања дали таа ќе заврши со преименување на аеродромот („Александар Велики“) во Скопје и на автопатот. Во тој контекст, пишува дека „најкарактеристичен пример е укинувањето на архаичниот архитектонски проект во центарот на Скопје“, кој за поголемиот дел од Македонците тој е пример за лош вкус и за корупција.

Повеќе на темата: 

Заев за ДВ: Сите мора да дадеме свој придонес за реформите!

„Александроманија”– „болеста” на малите балкански народи

Македонија-Грција: Спор за име? Каков спор?

„Што се однесува до името, нема многу простор за погрешно толкување на договорот. Тоа ќе биде дефиниција која ќе го вклучи името 'Македонија'. Не е познато дали тоа ќе биде 'Нова Македонија', 'Северна Македонија', 'Горна Македонија' или било кое било друго решение што веројатно ќе 'се извлече од шапката' на Нимиц“, се вели во анализата.

Весникот констатира и дека нивото на комуникација меѓу Атина и Скопје во последните шест месеци е исклучително висока, непосредна и повеќестепена:  „Господинот Заев ја помина новогодишната ноќ во Солун, на покана на градоначалникот Јанис Бутарис. Исто така се чини дека има многу добра комуникација преку границата. И покрај бирократските проблеми, европските програми за прекугранична соработка се развиваат непречено. Исто така, постои многу добро ниво на соработка меѓу полицијата“.

Македонскиот премиер, Зоран Заев, запрашан која е црвената линија што ќе ја одреди границата меѓу достоинствен компромис и она што може да ја урне таа можност, во новогодишното интервју за ДВ изјави: „На сите средби и од двете страни дојде уверување дека нема да престанеме во нашите обиди да ги отвориме перспективите и за двете држави. И мојата немера како премиер, е да не престанам да ја убедувам официјална Грција да избереме светла призма, друг агол во погледот на ова прашање. Можеби како прво дека излезот од оваа ситуација не е во решението на победник и победен. Црвени линии има и во Република Грција и во Република Македонија, но тоа помага само да останеме во своите ровови. Еве да речеме дека црвените линии се поставени, но зошто тоа да го запре процесот? Тој треба да тргне и треба да оди напред. Црвените линии да ги претвориме во осветлени патеки кои водат до решение прифатливо за граѓаните на двете земји. Да оставиме разговорите, во духот на добра волја и политичка одговорност, да не доведат до решението“.

 

DW.COM