1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Почеток на крајот на спорот за името?

Раздвижено на релација Скопје-Атина. Премиерот Заев изрази надеж дека ова ќе биде последен обид, со конечна цел: решавање на проблемот којшто Грција го има со македонското уставно име.

Голема раздвиженост владее на релација Скопје и Атина. Медијаторот на ООН Метју Нимиц следната недела ќе има средба со преговарачите од Македонија и Грција во спорот за името. Шефовите на дипломатиите на двете земји Никола Димитров и Никос Коѕиас вчера во Брисел разговарале за комуникациските модалитети, со став дека за исправна политика треба да има исправна комуникација. Тие комуникациски модалитети на локално ниво задутре ќе ги тестира градоначалникот на Солун, Јанис Бутарис, кој доаѓа во посета на Скопје. Министеркaта без ресор задолжена за странски инвестиции, Зорица Апостолска и амбасадорот на Република Грција, Димитрис Јанакакис, вчера разговараа за економските релации помеѓу двете земји, за новите перспективи пред бизнис заедниците, значењето на Коридорот 10...

Почнуваат разговори за името

Сета оваа атмосфера на добрососедство и соработка е насочена кон главниот „коридор“, за кој се бара излезна патека: спорот за името.  Коѕиас пред заминувањето во Брисел изјави дека Грција сака да се реши прашањето за името и оти тоа јасно им го става на знаење на своите партнери во ЕУ, и на Вашингтон. Очекува прашањето за името да биде затворено во првата половина во 2018 година. Надеж дека ќе се затвори дводеценискиот проблем, изрази и премиерот Заев.

„Следната недела, на 20 или 21 ноември се очекува првата средба помеѓу преговарачите од Македонија и Грција со медијаторот Метју Нимиц“, соопшти премиерот за време на посетата на Словенија, одговарајќи на прашање од Ројтерс.

Тој рече дека е логично по завршувањето на локалните избори, да се направи нов обид за решавање на овој чувствителен проблем кој истовремено е и пречка за интегративните процеси на Македонија.

„Ние во Македонија се обидуваме да изградиме национален консензус, сите - претседателот на државата, Владата, опозицијата, но во функција на наоѓање решение, а не на негово одложување. Навистина градиме пријателски односи со Република Грција. И во ваква пријателска атмосфера, јас верувам лично, искрено, дека може да се најде решение и на ова горливо прашање. Македонија влегува во обид кој што се надевам дека ќе биде последен, со конечна цел, решавање на проблемот кој што Грција го има со нашето уставно име“, изјави Заев.

Matthew Nimetz (MIA)

Планирана нова рунда разговори со медијаторот Метју Нимиц

Атина на два фронта

Македонија не е единствена адреса кон која се насочени заложбите на Грција за решавање на соседските проблеми. Во текст под наслов „Поглед: грчката политика на Балканот“ објавен во весникот „Катимерини“, се вели дека „Грција презема чекори за решавање на своите спорови и со Албанија (за грчкото малцинство-н.з) и со ПЈРМ“.

„Грција, од своја страна, има за цел да покаже дека повторно сака да стане дел од решението за проблемите на регионот. Денес, како парадоксално може да се чини, тоа што прашањата со Тирана се посложени од она со Скопје (...) Додека има многу фронтови отворени во нашата надворешна политика, имаме помалку простор за маневрирање“, се вели во текстот, и се потенцира дека „се потребни порешителни чекори за да се добие важна улога и глас во регионалниот развој“.
Атина очекува да се создаде клима која би ги олеснила дебатите или барем не би ги отежнала.  Во однос на спорот за името, се чини дека забрзано се гради клима за олеснување на разговорите. Но, и покрај евидентно подобрената атмосфера, познавачите на историјатот на грчко-македонските разговори се сомневаат дека може да се дојде до компромисно решение во првата половина од наредната година.

Од друга страна, евидентно е дека бриселската дипломатска машинерија овојпат е многу попосветена во поддршката да се искористи можноста за решение на тој проблем до 2019 година, кога двете земји ќе влезат во нови изборни циклуси- Македонија во претседателски, Грција во парламентарни.

Дипломатија меѓу градовите

Она што во моментов е видливо, е дека се отворени сите канали за градење меѓусебна доверба. Задутре, на 16 ноември, градоначалникот на Солун, Јанис Бутарис доаѓа во Скопје, и покрај средба со градоначалникот на Скопје, Петре Шилегов, според „Катимерини“ ќе се сретне и со премиерот Зоран Заев, со претседателот Ѓорге Иванов, со министерот за надворешни работи, Никола Димитров, а планирал средба и со лидерот на ДУИ, Али Ахмети.
Во разговор за „Катимерини“ Бутарис демантира дека неговата посета е поврзана со очекувањата на Атина за продолжување на разговорите за прашањето за името.

„Ние не се занимаваме со надворешна политика. Се обидуваме со дипломатија меѓу градовите да ги приближиме граѓаните на двете земји и заеднички да работиме за решавање на некои проблеми што ги имаме како соседи“, вели тој. Притоа потенцира дека има голема флуктуација на граѓаните од двете страни на границата - за едните главна дестинација е Солун, за другите Гевгелија, Дојран...
„Овој тренд не смее да запре, и ние мора да сториме сé за да се зголеми“, вели Бутарис, со желба да се вопостават основи за трајна соработка со новата локална власт. Тој ја истакнува и соработката со претседателот Иванов, кој доделува десет стипендии годишно за млади луѓе од Македонија за да студираат на приватен колеџ во Солун, „и кој имал желба да ги посети студентите, но и да се напие 'узо' на плоштадот Аристотелис“.

„Сакаме уште повеќе млади од Скопје да дојдат да студираат во нашиот град“, вели градоначалникот на Солун. И покрај тоа што разговорите за името не се ниту во негова надлежност, ниту на агендата за посетата на Скопје, Бутарис верува дека со „дипломатијата меѓу градовите“ се подобрува климата во општествата, што е предуслов и за решaвање на проблемот.

Во очекување на таква клима, идната недела во Скопје доаѓа и еврокомесарот Јоханес Хан, кој како „одличен“ го оцени состанокот во Брисел со вицепремиерот Бујар Османи и со министерот за надворешни работи, Никола Димитров.

„Уверен сум дека владата ќе ја искористи позитивната динамика и дека ќе видиме понатамошни реформски резултати до крајот на годината. Ова бара конструктивна соработка на сите политички сили, вклучувајќи ја и опозицијата. Со нетрпение ја очекувам мојата посета на Скопје следната недела, со политички состаноци и средби со граѓанското општество“, напиша Хан на „Твитер“.

 

DW.COM