1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Панорама

Почеток на карневалската сезона

Карневалот во Рајнската област почнува! Денеска во 11 часот и 11 минути, во Келн, Диселдорф и Мајнц, стотици карневалисти го означија почетокот на „петтото годишно време“.

Карневалски костими и нашминкани луѓе кои се нишаат во тактот на гласната карневалска музика - во Рајнската област во Германија денеска во 11:11 часот почна карневалската сезона, или како што се нарекува „петтото годишно време“. Во Келн годинава карневалот се одржува под мотото „Иднина - ќе видиме што ќе дојде“. Во Доселдoрф, пак, поради големите градежни зафати во градот, мотото гласи „Диселдорф се разубавува“.

Омилени костими годинава, според информации на продавниците специјализирани за ваква облека, се полициските и пилотските униформи за мажи, а жените најмногу го купуваат костимот на Црвенкапа. Класичните карневалски костими, како кловновскиот и индијанскиот костим, се продаваат секогаш стандардно добро.

По кусата карневалска сезона минатата година, поради тоа што Розенмонтаг беше веќе на 11 февруари, карневалистите годинава имаат повеќе време за славје. Розенмонтаг сега е на 3 март 2014-та. Инаку, Розенмонтаг е врв на карневалската недела, која почнува секогаш во четврток, а завршува во среда, т.н. среда пепелница, по која почнуваат Велигденските пости.

Karneval in Köln 2013

Карневалистите од различни градови се конкуренти едни на други, но сепак се согласни дека рајнскиот карневал треба да биде дел од листата на УНЕСКО на нематеријално светско културно налседство

Зошто карневалската сезона почнува секогаш на 11 ноември во 11:11 часот? На ова прашање нема прецизен одговор. Претпоставки има многу. Во средниот век би рекле - тоа е бројот на шутовите, други пак би одговориле - еден повеќе од десет прсти, еден помалку од дванаесетте апостоли. Има и други одговори: нешто што не е пола, а не е ниту цело. Освен тоа, на 11 ноември почнуваат и поворките во чест на Свети Мартин, што порано значело време на пост се‘ до Божик. Затоа луѓето, пред да почне постот, сакале уште еднаш „вистински“ да прослават. Денес, во градовите кои се упоришта на карневалот многу работи се поврзани со бројот 11. Карневалските седници не почнуваат во полн час, туку единаесет минути подоцна, а со нив раководи совет од 11 членови.