1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Почетните позиции не се едноставни

На меѓународната конференција за Блискиот Исток во Анаполис САД сака да се обиде по седум години, повторно да се постават основите за мир меѓу Палестинците и Израелците и да се овозможи создавање палестинска држава

default

Абас и Олмерт-и двајцата под притисок

„Сакаме мир - мир веднаш“ бараа демонстрантите собрани пред куќата на израелскиот премиер Ехуд Олмерт.

„Израел и Палестина: две држави на два народа“, извикуваа насобраните луѓе.

Не се ангажираат сите Израелци како овие 500 членови на мировното движење. Пред конференцијата во Анаполис мнозинството е од скептично до незаинтересирано. Тоа важи и за Израелците и за Палестинците:

„Шарм ел Шеик, Аман, Каиро, Анаполис или Кемп Дејвид - моногу конференции и многу дебати. Ама ништо повеќе од тоа“, вели Виктор Кофали. Овој кројач од Беит Јала, дел од Витлеем на Западниот брег зборува како и поголемиот дел од Палестинците. Седум години по Кемп Дејвид, каде се одржа последната средба со американско посредништво, повторно се почнува од нула или можеби со уште помалку.

Продлабочување на рововите

Оттогаш се продлабочија недовербата и аверзијата на двете страни. Израел се оградува со метарски ѕидови, запоседнува земјиште и ги проширува своите населби. Палестинците реагираа со бунтување и Интифада, со победа на радикалниот Хамас и меѓусебни борби. Сепак, израелскиот премиер смета дека е дојдено време за преговори:

„Претседателот Абас и премиерот Фајед и покрај сите потешкотии меѓу Палестинците, велат дека сакаат мир со нас, и тоа е шанса која мора да ја искористиме“.

Анаполис треба да биде основа за креирање на палестинската држава, но не се очекува и разјаснување на спорните прашања, како разграничувањето, враќањето на палестинските бегалци и статусот на Ерусалим. Очекувањата се намалуваат, а како успех на Конференцијата веќе се претставува учеството на голем број арапски држави. Палестинските експерти како Аднан Мусалам од Витлеем остануваат реални:

Почеток на долг процес


„Анаполис е само почеток на еден долг процес, кој можеби ќе води конечно решение. На мнозинството проблемот им е преку глава, а и нам исто така. Палестинците како и сите во светот сакаат да живеат во мир. Никој не очекува дека сега ќе се постигнат брзи резултати“.

Двете страни се под притисок - Олмерт од неговите десно ориентирани коалициони партнери и еврејските доселеници, за кои секоја отстапка е премногу. Абас, пак е под притисок од Хамас кои не се поканети во Анаполис, поради што може да му го минираат секој напредок.

Абас сака, но и мора да добие цврсти ветувања од САД: гаранција дека Израел ќе стопира понатамошна изградба на еврејски населби и дека повеќе нема да им одзема палестинска територија. Ќе нагласи дека Палестинците на Западниот брег се повеќе сами ќе се грижат за безбедноста.

Абас исто така се залага договрот за новата палестинска држава да биде постигнат додека трае мандатот на американскиот претседател Џорџ Буш, што значи до крајот на 2008 година. Израел радо не би се обврзувал на вакви рокови.

Во секој случај она што ќе се следи по Анаполис ќе биде многу поважно од самата средба: значи понатамошниот „возен ред“ кон мирот и создавањето две држави, и тоа само ако тој пат воопшто биде отворен, по конференцијата?