1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Економија

Поход на кинеската национална валута

И покрај големиот напредок на Кина на полето на економијата, ренминби, односно јуанот, и натаму игра маргинална улога во светскиот финансиски систем. Но, ако се прашува кинеската влада, тоа наскоро ќе се промени.

default

Кина ја презеде од Германија титулата најголем светски извозник, ја претрка Јапонија и стана втора најголема економија во светот, зад американската. Па сепак, кинеската национална валута ренминби, попозната како јуан, досега игра маргинална улога во светскиот финансиски систем. До јули 2009 година Кина со светот тргуваше во долари, оти владата забрани пресметките да се прават во јуан. За промена на ставот придонесе светската криза, смета Бернард Есер, експерт од банката ХСБЦ Тринкаус.

„Кинеското извозно стопанство беше тешко погодено од големиот пад на трговијата. Кинезите во светот продаваат производи со ниска маржа, па не сакаат на падот на трговијата да се надоврзе уште и ризикот од менувачките курсеви на валутите. Владата затоа сака валутниот ризик да им го префрли на странските конкуренти. Второ искуство беше сознанието, колкави ризици се поврзани со огромните девизни резерви во долари“.

Тие изнесуваат три илјади милијарди, од кои две третини се американски обврзници - државни или на претпријатија. Ако емисионата банка на САД со монетарната политика го потиснува курсот на доларот, за Кина тоа значи дека и’ се топи богатството. Подеднакво фатално би било Кина да се ослободи од доларските резерви: тоа уште повеќе би ја намалило вредноста на доларот, а со тоа и на кинеските резерви.

Јуанот се форсира чекор по чекор

Renminbi Yuan Jiao WÄhrung China

Странските партнери се почесто и` плаќаат на Кина во јуани

За да се ослободи од зависноста од доларот, Кина од средината на 2009 година спроведува проект за постепено интернационализирање на јуанот. Веќе околу 70 илјади претпријатија смеат да склучуваат меѓународни трговски договори во јуан. И германскиот концерн Метро испораките на Кинезите им ги плаќа во јуани. Од сегашните неполни три проценти, владата планира веќе по пет години половината од севкупната трговија да се одвива во јуани.

За да му се приклучи на доларот, јуанот мора да се етаблира и како валута за вложувачите. Во Хонгконг во изминатите месеци беа пласирани обврзници означени во јуан. Годинава се очекува двојно поголема емисија. Интересирањето на вложувачите е огромно.

„Мотивацијата за инвеститорите е дека со тие акции може да се шпекулира на пораст на вредноста на кинеската валута“, оценува банкарскиот експерт Бернард Есер.

Трета најважна валута до 2020 година

Deutschland EU Währung Euro und Dollar

Трета најважна валута, по доларот и еврото

Се очекува пораст во просек од четири до пет проценти годишно. Валута со таков потенцијал е атрактивна како влог и за централните банки на други земји. Но, ќе помине многу време додека тие банки сериозно да го прифатат јуанот како резерва валута. На крајот од тој процес треба целосно слободно да може да се тргува со јуанот. Некои експерти тоа го врзуваат за проектот Шангај 2020, со кој Кина сака да го развие Шангај во меѓународен финансиски центар. Есер смета дека јуанот во периодот помеѓу 2020 и 2025 година ќе биде трета најважна валута во светот, по доларот и еврото.

„Ако вака продолжи поместувањето во светската економија, во далечна иднина, можеби до 2050 година, врз основа на економската важност на Кина, ренминби ќе го замени доларот“, вели Есер.

Автор: Жанг Данхонг / Зоран Јордановски

Редактор: Трајче Тосев