1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Европа

Пофалби и опомени од Штајнмајер за Венизелос

Германскиот министер за надворешни работи Франк-Валтер Штајнмајер во Атина ги пофали економските успеси на земјата, но и ги опомена домаќините да не се олабавуваат.

„Првиот дел од патот“ што го изоде Грција заслужува почит, рече германскиот министер за надворешни работи Франк-Валтер Штајнмајер по средбата со грчкиот колега Евангелос Венизелос. Сепак, за да застане на нозе земјата пред себе има уште долг пат, рече Штајнмајер на прес-конференцијата во Атина. „Се надевам дека оваа влада ќе го изоди патот до крај“, опомена шефот на германската дипломатија.

Освен тоа, тој ги отфрли шпекулациите за натамошна финансиска помош за Грција. Во ситуација кога Грција е на пат на подобрување, можам само да препорачам да не се зборува постојано за нови пакети за помош, рече Штајнмајер, кој со својата посета на Грција сака да даде „знак на поддршка“. Тој е првиот министер за надворешни работи кој е во посета на Грција откако почна претседателството на таа земја со ЕУ. На неговата програма на посетата се и средбата со грчкиот претседател Папуљас, премиерот Самарас, како и претставници на грчкото стопанство и ученици.

Грчкиот министер за надворешни работи Евангелос Венизелос ја искористи посетата на Штајнмајер за да ги пофали економските успеси на својата земја: „Благодарение на постигнувањата и жртвувањето на грчкиот народ, постигнавме финансиско-политичка рамнотежа и примарен суфицит во буџетот“, рече тој.

Мали разлики во мислења меѓу политички пријатели

Примарен буџетски суфицит во 2014 година би значел дека Грција првпат по 10 години ќе има значително повеќе приходи од расходи, доколку притоа не се земе предвид товарот на каматите за старите долгови на земјата. Грчката влада смета дека европскиот статистички завод Евростат во април ќе потврди примарен буџетски суфицит од 2,5 милијарди евра, по што би следувало преиспитување на тековните програми за помош на земјата. На почетокот на годината Венизелос веќе побара од меѓународните кредитори да и‘ излезат на Грција пресрет со тоа што ќе дозволат подолги рокови за отплата на веќе одобрените кредити.

Griechenland Treffen der Außenminister Steinmeier und Venizelos

Венизелос нема многу време, а Штајнмајер е прагматичен

Грчките социјалисти за ова очекуваат поддршка особено од Берлин, со оглед на тоа што новата коалициона влада на Меркел сега ги има и социјалдемократите. Но министерот Штајнмајер, инаку социјалдемократ, во Атина вчера (9.01) излезе со прагматичен став - не се работи за тоа годинава да биде постигнат суфицит, туку треба да се докаже дека станува збор за одржлив развој на земјата.

Различни ставоти веројатно има и по прашањето на работата на таканаречената Тројка (ЕЦБ, ЕУ, ММФ). Додека грчкиот министер зборува за неопходност од критичко согледување на работата на Тројката и „демократска контрола“, германскиот министер ги зема експертите на Тројката во заштита и јасно вели: „Во Тројката се застапени вистинските институции“. На крајот на краиштата, Тројката има одговорност за оценките, а одлуките и онака се носат од страна на националните влади и парламенти, нагласува Штајнмајер.

Трка со времето

Тој во Атина неколку пати повтори дека грчката коалициона влада, составена од конзервативците и социјалистите треба да го искористи времето до крајот на легислативниот период во 2016 година, за да овозможи напредок на неопходните реформи. Но Венизелос нема толку време, со оглед на тоа што неговата партија во актуелните анкети има доверба на 4 до 5 проценти од избирачите и мора да стрваува од резултатите на европските избори како никогаш досега. Според истражувањата на јавното мислење, најмногу гласови на изборите годинава би освоил Сојузот на радикалната левица - СИРИЗА, под раководство на Алексис Ципрас, врвниот кандидат на европската левица за местото претседател на Европската комисија.

Дека шефот на опозицијата Ципрас консеквентно оди на курс на конфронтација со владата стана јасно и на церемонијата на означување почеток на грчкото претседателство со ЕУ, во средата вечерта (8.01) во Атина. Тој во последна минута соопшти дека нема да присуствува на свеченоста и го нарече премиерот Андонис Самарас „послушен и вреден ученик на Ангела Меркел“.