1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Теми на денот

Пофалби и критики, без датум за почеток на преговори за членство

Воочи официјалното објавување на извештајот од страна на ЕК за напредокот на Македонија, во дипломатските кругови во Брисел веќе циркулираат детали од извештајот кој сеуште е во фаза на усогласување.

default

Македонија е прва земја од регионот која со Европската Комисија ќе потпише финансиска спогодба со која ќе може да ги користи средствата од инструментот за предпристапна помош. Секретеријатот за европски прашања соопшти дека спогодбата ќе биде потпишана денеска во Скопје од страна на евроамбасадорот во Македонија Ерван Фуере и вицепремиерот за европски прашања Габриела Коневска Трајковска. Скопје и Брисел го потпишуваат документот воочи официјалната објава на извештајот на Комисијата во кој како што се дознава најголемиот минус се однесува на делот на политичките критериуми. Европската комисија генерално оценува дека земјата направила прогрес во имплементација на Договорот за стабилизација и асоцијација, меѓутоа е незадоволна од функционирањето на Парламентот, соработка меѓу власта и опозицијата, бојкотот од страна на ДУИ, што го забавиле процесот на донесување на законите.

Судството останува проблем

Еден од клучните проблеми е судството околу кое оценките се поделени. Главната забелешка е дека и покрај функционирањето на новата судска структура, системот и натаму страда пред се поради недоволната независност и ефикасност. Брисел забележува дека не е постигнат никаков напредок во однос на спорот со Грција за уставното име на земјата. Преименувањето на аеродромот во Скопје во Александар Велики беше сватено како провокација, спротивна на билатералниот договор од 1995 година. Комисијата смета дека се потребни нови напори преку конструктивен пристап и со посредство на ОН да се дојде до решение, кое ќе придонесе за регионална соработка и добрососедски односи.

Меѓуетничките тензии на ниско ниво

Во извештајот се наведува дека меѓуетничките односи се генерално подобрени. Потребен е напредок во делот на еднаквата застапеност во локалната самоуправа и употребата на јазиците. Ова посебно се однесува на армијата и полицијата.

Владата во Скопје ќе добие негативна оценка за делот кој се однесува на јавната администрација. Отпуштањата на голем број официјални лица со смената на власта во 2006 ја илустрира политизацијата на сите нивоа, што во голема мера го нарушило и функционирањето во 2007 година, смета Комисијата.

Во делот на економијата се забележува дека во земјата владее стабилна макроекономска ситуација, што е резултат на позитивниот раст на бруто домашниот производ на 5%, намалувањето на трговскиот дефицит и странските долгови, како и зголемувањето на државните резерви и намалувањето на даноците. Во извештајот сепак се наведува дека доколку Македонија сака да стане целосно функционална пазарна економија, мора да се справи со слабоста на судството и законските проблеми за решавање на сопственичките права.