1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Теми на денот

Поуки од катастрофата

Коментар на Јоахим Шуберт Анкенбауер

Солидарноста со погодените држави во Јужна Азија е впечатлива: како спонтаните акции за донации во богатите држави на Запад, така и готовноста за помош да се надминат етничките и религиозните бариери што ги делеа подрачјата зафатени од катастрофата. Дури и недовербата меѓу Обединетите нации и владата во Вашингтон засега е надмината. Но, тоа сето не е доволно. Зашто сега е важно да се извлече решавачката поука од катастрофата, а таа гласи: решителен настап за спречување.

Впечатливо е да се види со колкава сила се помага во оваа катастрофа, како настапува меѓународната солидарност, колку напорно се работи и колку великодушно се донира. Секако во таа помош има и недостатоци, но воопшто не би било фер за тоа да се зборува. Шефот на операциите на Црвениот крст и на Црвената полумесечина Питер Рид со право вели дека во оваа фаза никој не може да очекува совршен ред. Со оглед на чудовишните слики на тага и страдања, би можело да звучи дури и цинично да се зборува за поуки што треба да бидат извлечени од оваа катастрофа. Но, токму тоа е неопходно. Би било погрешно ако веднаш не се зборува за нив. И тоа токму затоа што катастрофата однесе толку жртви и заокружи една година полна со други катастрофи во кои исто така многу луѓе беа жртви и зашто човештвото очигледно ќе мора уште сега да се подготвува за нови. Лекцијата од оваа катастрофа гласи: предупредување. Обединетите нации веќе со години туркаат една програма која треба да послужи за таа цел. Следуваат две сознанија: прво, катастрофите ги погодуваат сиромашните и слабите економии ги фрлаат со години назад. Второ, катастрофите не можат да се спречат, но може да се спречи да однесуваат толку животи и такви опустошувања. Веќе се развиени доволно мерки за тоа. Тие се протегаат од чисто техничките системи за предупредување, преку образовни програми за населението, до систем за цивилна заштита. Тие определуваат јасни одговорности, низа од предупредувања и начини за заштита. Неопходна е култура на предупредување. Има држави и региони во кои тие веќе функционираат. Бангладеш научи подобро да постапува во поплавите, Куба со нејзините тајфуни, регионот на Пацификот со цунамите. На многумина луѓе така им се спасени животите. Меѓутоа, во погодените региони недостига оваа култура. Со предупредувачки системи ќе беа спсасени илјадници луѓе, вели Салвано Брикено, директор на програмите на Обединеите нации за предупредување. Ова не значи дека вината се префрла врз владите од регионот. Вакви програми недостигаат во многу региони и најчесто од истата причина: недостигаат пари. Но, тоа не смее да биде така. Оттаму, и оваа задача на предупредување мора да ја преземе сета меѓународна заедница. Трошоците за системите се далеку помали отколку акутната потреба од помош за катастрофите. 600 милиони долари би биле доволни за соодветен фонд. Кон средината на овој месец во јапонскиот град Кобе ќе се одржи конференција на тема катастрофи и нивно предупредување. Се нуди првата можност да се покаже дали е извлечена поука од 26 декември, а таа гласи: во иднина да направиме се да се спасат колку што е можно повеќе животи.

Јоахим Шуберт Анкенбауер