1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Теми на денот

Потреси во СПД: Шредер се повлекува - Минтеферинг иден претседател на партијата

-И генералниот секретар на СПД Шолц ја напушта функцијата

"За утре, дами и господа, свикав седница на раководството на СПД. Нему ќе му предложам на вонреден конгрес на крајот на март за нов претседател на партијата да го избере Франц Минтеферинг. Јас ќе се концентрирам на мојата работа како сојузен канцелар, која не е само поврзана со унапредување на процесот на внатрешни раформи, туку по својата природа содржи и редица меѓународни обврски, кои едноставно бараат време" - објави денеска германскиот канцелар Герхард Шредер на ненадејно свиканата прес-конференција во Берлин. Тој нагласи дека како шеф на владата на особен начин се чувствувал обврзан кон тековниот процес на обнова во Германија, што го означи како најважен во повоеното време. Кај такви сериозни проекти има проблеми во нивното претставување. Такви проблеми има и во мојата партија, призна Шредер, нагласувајќи дека не стравува од губење на авторитетот поради тоа што се откажува од раководењето со партијата. Повлекувањето од функцијата уследи по внатрепартиските критики за надворешната слика што ја остава партијата, како и по драстично опаднатата поддршка за СПД во анкетите на јавното мислење - а со оглед и на претстојните 14 избори на различни нивоа годинава во Германија.
Франц Минтеферинг е поранешен генерален секретар на СПД и сегашен шеф на фракцијата на социјалдемократите во Бундестагот. "Доволно долго ја познавам партијата, многу години соработувам со Герхард Шредер како партиски претседател и сојузен канцелар и мислам дека смеам да кажам оти за мене не е проблем соработката во оваа форма. Свесен сум дека партијата и фракцијата - потоа ќе ги имам обете функции - ќе мора да се погрижат за тоа социјалдемократијата во Германија да е и да остане способна за владеење, како и оти ние тука ќе мораме многу доверба повторно да придобиваме", рече Минтеферинг.
Тој информира дека оставка поднел и досегашниот генерален секретар на СПД Олаф Шолц: "Откако претседателот на партијата му го соопшти своето решение, Олаф Шолц изјави дека извлекува консеквенции и согледува оти и самиот отпаѓа од функцијата. Неа ќе ја врши до партискиот конгрес, кој веројатно ќе се одржи некаде на крајот на март, и тогаш ќе донесеме ново решение за оваа функција".
И Шредер, како и Мингеферинг денеска најавија продолжување на курсот на реформи.
Герхард Шредер го презеде раководењето со партијата по ненадејната оставка на Оскар Лафонтен во 1999-та година. Во изминатите недели тој беше се' почесто критикуван дека не го проценува вистински мислењето на партиската база. Последниве денови врвни политичари од Социјалдемократската партија побараа од Шредер пресврт во политиката.