1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Економија

Потресите во еврозоната се чувствуваат и во Азија

Намалувањето на кредитниот рејтинг на повеќе земји од еврозоната, меѓу нив и Франција, се прифаќа опуштено во Германија. Помалку опуштено реагираа берзите во Азија.

default

Седиштето на Стандард и Пурс

Возбудата во Германија се држи во границите. Намалувањето на кредитниот рејтинг на повеќе евро- земји од страна на американската кредитна агенција „Стандард и Пурс“, за почеток нема големо влијание врз европскиот фонд за стабилност, уверуваат германските банкари.

„Живееме во свет во кој САД, Јапонија истотака немаат најдобар рејтинг- тројно А. Двојното А е новата реалност. Затоа не верувам дека тоа е голема тема за еврозоната. Поодлучувачко за неа е како ќе се развива кредитоспособноста на јужните земји, како Шпанија и Италија. Тоа е многу поважно од кредитниот рејтинг на Франција“, вели Јерг Кремер главен економист во германската банка Комерцбанк.

Börse Japan Tokyo Juli 2011

Берзата во Токио

Загуби на азиските берзи

Помалку опуштено на тоа гледа Меѓународниот монетарен фонд. Европа сега мора брзо да дејствува , порачуваат, инаку на регионот му се заканува натамошно губење на довербата.

И азиските берзи реагираа вознемирено. За трговците со акции во Токио намалувањето на кредитниот рејтинг на повеќе евро-земји е предупредувачки сигнал. Индексот Никеи претрпе загуба од речиси 1,5 проценти. Стравот дека Европа многу бавно се справува со својата криза , предизвика несигурност и на берзата во Тајван.

„Намалувањето на кредитниот рејтинг на девет земји од еврозоната споредбено ги ослабе азиските берзи денеска. Тоа ни покажува дека азиските пазари и тоа како ги следат движењата во Европа и САД“, вели Чан Пеи Чун аналитичар во Та Чонг Секјуритис.

Тоа истотака имаше влијание и врз берзите во Јужна Кореја, Хонг Конг, Шангај и Сингапур. Таму курсевите на акциите забележаа пад до 2,5 проценти.

Автор: Катарина Бан/ Симе Недевски

Редактор: Ж.Ацеска