1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Потребно е премостување на конфликтите

Челниците на партиите од албанскиот електорат, Арбен Џафери и Али Ахмети и натаму одбиваат меѓусебен контакт. Едно минатонеделно убиство во Тетово под сеуште неразјаснети мотиви ги крена тензиите на нивното обострано обвинување за политички и насилнички реваншизам. Лидерите на владеачката коалиција ги демантираат таквите мотиви.

Тетово

Тетово

Неопходен е дијалог власт – опозиција, остави сугестија високиот претставник на Стејт Департментот, Розмари Ди Карло. Ова е последно од серијалот предупредувања на меѓународните медијатори во Македонија. Амбасадорите јавно зборуваат за јаз, а тајно се обидуваат да ги премостат разликите меѓу ДУИ и ДПА што можат да се претворат во остар албанско-албански политички судир. Опозиционите “интегративци“ на Али Ахмети велат дека убиството на Иса Лика, на еден екс припадник на ОНА и поранешен владин функционер, има политички мотиви, а иницирано е од владеачката ДПА. Потпретседателот на ДПА, Мендух Тачи,пак, кој има отворена нетрпеливост кон претседателот на државата, Бранко Црвенковски, реагира: “Јас сум свесен дека Црвенковски и таквите како него многу би сакале да ја вратат играта на Ранковиќ, кога успеаја донекаде да ги стават Албанците во конфликт. Тоа време е минато.“

Потпретседателот на ДПА, Мендух Тачи и македонскиот премиер, Никола Груевски, се појавија заедно на честитањето во Исламската верска заедница по повод големиот муслимански верски празник Бајрам. И премиерот не мисли дека убиството во Тетово може да влијае врз политичката дестаблизација во регионот на Западна Македонија, но и во државата:“Мислам дека не би требало да имаме големи стравувања. Точно е дека имаше мала тензичност, но мислам дека нештата ќе си дојдат на свое место. Од сите убиства во последниот период, јас токму вчера разговарав со претставници на Министерството за внатрешни работи, од почетокот на нашиот мандат до вчера, условно кажано, имало десет убиста во Македонија и сите десет се расветлени, освен последното на кое што се работи со сите сили и енергија“, рече Груевски.

Премиерот минатата недела се сретна со челникот на ДУИ, притоа останувајќи на различни позиции. И покрај инсистирањето и обидите на меѓународната заедница да дојде до дијалог и меѓу албанските фактори, Арбен Џафери и Али Ахмети меѓусебно се игнорираат. Тоа создава тензичност во албанскиот електорат, но и меѓу граѓаните, особено во тетовско.

“Политичките партии можат да имаат антагонизми, тоа е сосема нормално и демократско однесување во едно демократско општество, но институциите не би требало да имаат такви проблеми“, коментираше Мендух Тачи.

Сепак партиските челници на ДПА и на ДУИ се под притисок на Сетјт Департментот. Втората порака за премостување на внатреконфликтните состојби во албанскиот политички фактор го донесе Розмари Ди Карло, која е во дводневна посета на Македонија.