1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Економија

Потребна преориентација на банките во Југоисточна Европа кон малите претпријатија

Повеќе меѓународни организации и банки повеќе од една деценија се обидуваат да ја заживеат разнишаната економија во земјите на Југоисточна Европа. Во најголем дел тоа се успешни проекти. Сепак, напорите во меѓувреме стигнуваат до крајните граници. Во Европа се намалуваат финансиските средства, а интересот за овој регион се намалува. Заради тоа западни финансиски експерти деновиве остварија средба со владини и со претставници на приватни банки и на претпријатија од овие земји. Симпозиумот се одржа во Германската банка за обнова во Берлин, каде што во моментов се разговара за зголемување на средствата за Македонија за идната година во вкупен обем од околу 11 милиони евра. Тие ќе бидат наменети за онаа цел за која сите експерти се едногласни дека е неопходна - преориентација на банките кон малите и средните претпријатија.

"Ако живеете некаде во близина на бугарската граница и ако треба да патувате во Белград по финансиска поддршка, само ќе изгубите и време и пари", вели Игор Бркановиќ, кој ги познава пролемите на малите претприемачи во Србија. Тој работи за нив како консултант и знае дека одлучувачките механизми во неговата земја се многу централистички организирани. Локалните банки не се во состојба да им одобруваат кредити на малите претпријатија, затоа што тоа не им го дозволуваат финансиските можности.

Со овој проблем се соочува целиот регион - од Словенија преку Бугарија па се до Косово, иако во различни размери. Според гледиштето на финансиските експерти, дојдено е времето кога банките во земјите од Југоисточна Европа треба да се преориентираат: досега тие премногу се концентрираа на големите претпријатија. Сега би требало позасилено да се кредитираат малите и средните претпријатија, затоа што тие се сметаат за мотор на идниот развој на регионот.

Но, реализацијата на овие проекти преку западни орагнизации за помош, како што е Германската банка за обнова, веќе наидува на крајни граници. Пред се, поради тоа што бројот на мали и средни претпријатија во регионот е многу зголемен, а од друга страна и финансиските средства во западните земји се ограничени. На сето ова треба да се додаде дека интересот кон овој регион веќе попушта.
При преориентацијата, експертите сметаат на банките во овие земји, кои досега профитираа од работата на меѓународните институции. Охрабрувачки пример за тоа е Унионбанката во Бугарија. Евгениј Господинов, директор на банката, основана во 1994 година, вели дека се исплатело токму специјализирањето за мали и средни претпријатија:
"Успеавме со оглед на значајната техничка поддршка од Германската банка за обнова и Европската банка за обнова и развој. Тоа ни помогна да создадеме производ што се продава."

Осврнувајќи се на состојбата во банкарскиот сектор во Македонија, Силвија Вишнивски, шефица на Меѓународната банкарска академија, го потенцира постоењето на германско-македонскиот фонд. "Тоа се средства преку германското министерство за развојна помош и преку Банката за обнова. Во моментов разговараме за зголемување на средствата за идната година во вкупен обем од околу 11 милиони евра. Тие ќе се применат за отворање на локалните банки кон нови групи комитенти, пред се од најмалите претпријатија. Досегашните резултати се многу ветувачки - за само неколку месеци се привлечени околу 1.000 нови клиенти и им се обезбедени кредити", вели Вишнивски.

Но, локалните банки треба да јакнат и во однос на големата странска конкуренција и да работат заедно со нив. Затоа што странските институти во повеќето од овие земји контролираат до 90 проценти од банкарскиот сектор.

Пер Фишер е вице-претседател на Комерцбанк, која подолго време успешно работи во сите земји од регионот. Тој вели дека и странските банки го препознале сигналот на времето:
"Содејството при создавање на средна класа е инвестиција за иднината. Во земјите, во кои досега се концентриравме на највисокиот сегмент, мора да размислиме дали не треба засилено да се свртиме кон средните претпријатија. Но, прашањето не ни се поставува само нам, туку и на нашите конкуренти."

И покрај се, експертите се едногласни дека промена на курсот мора да има. Тие потенцираат дека при тоа е потребна прекугранична соработка во регионот. Создавање слободна трговска зона од целиот регион и продолжување на притисокот врз владите за подобрување на законските рамки за економските активности - спаѓаат во мерките кои се сметаат за задолжителни задачи.