1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Потребна е јасна слика за македонските бегалци од Грција

Грчката влада треба да ја запре дискриминацијата врз етничките Македонци - ова е барање во предлог-резолуцијата, што сенаторот Герт Ламберт ја поднесе до СЕ. Во интервју за ДВ тој ги објаснува причините за резолуцијата.

default

Герт Ламберт

Герт Ламберт, белгиски сенатор од редовите на партијата „Vlaamse Progressieven“ и член на Парламентарното Собрание на Советот на Европа, заедно со повеќе негови колеги од 13 европски земји поднесе предлог-резолуција до Парламентарното Собрание на Советот на Европа. Во оваа прeдлог резолуција се бара од грчката влада, веднаш да ја запре дискриминацијата на која се изложени етничките Македонци - политички бегалци од граѓанската војна во Грција. Ламберт е истакнат белгиски сенатор, кој е вклучен во комисијата за реформа на белгиската држава и е познат по неговите ставови за одбрана на слободата на изразување.

Г-дине Ламберт, заедно со други 19 европски парламентарци поднесовте предлог - резолуција до Парламентарното Собрание на Советот на Европа. Вo нea барате од грчката влада, веднаш да ја запре дискриминацијата на која се изложени етничките Македонци - политички бегалци од граѓанската војна во Грција. Вие барате измена на грчките закони со што, на бегалците – етнички Македонци ќе им се дозволи да си го вратат одземеното грчко државјанство и имотот во Грција. Која е причината што Ве наведе да ја покренете оваа иницијатива?

Ламберт: Од едноставна причина, мислам дека е потребно да се има јасна слика по ова прашање. Добро знам и разбирам дека меѓу Грција и Македонија постои расправија, за која сметам дека е потребно да се најде решение. Македонската влада, од своја страна ќе треба многу јасно да објасни, дека во никој случај нема намера да ја прошири територијата на земјата. Од друга страна, грчката влада е потребно да прифати дека има протерани луѓе од Грција во Македонија, и дека по повеќе децении по завршувањето на граѓанската војна во Грција, дојдено е времето да се најде решение и повторно да се живее заедно во мир.

Пред околу една и пол година, поставивте прашање до Комитетот на Министрите на Советот на Европа со скоро иста содржина како предлог-резолуцијата, дали добивте одговор?

Ламберт: Не, се досега немам добиено одговор.

Дали се надевате дека еден ден ќе добиете одговор?

Ламберт: Не знам. Се надевам дека ќе добијам, но барем засега немам одговор од Комитетот на министрите.

Комитетот на министрите е задолжен да одговори на парламенарните прашања...

Ламберт: Да... да, да, тоа е точно. Но за одговорите не е утврден прецизен рок. Не сум сигурен, ќе треба да проверам. Во секој случај повеќе од година и пол по моето прашање немам видено одговор.

Зошто според Вас се одолговлекува одговорот на прашањето?

Ламберт: Не сум јас тој, кој што треба да биде запрашан. Не знам и не можам да знам зошто другите не ми одговараат, иако откако го поставив прашањето се променија три претседателства со Комитетот на министрите. Навистина не знам. Но мислам дека по малку имаат страв да одговорат. Тоа е единственото нешто што можам да си го замислам.

Со исклучок на Европската комисија за борба против расизмот и нетрпеливоста (ЕКРИ) и Вашите инцијативи за одземеното грчко државјанство и имотот во Грција на Македонците, другите европски институции не се осмелуваат да се зафатат со ова прашање, зошто?

Ламберт: Тоа е поради дипломатски причини и можеби од време на време се плашат...

Парламентарното Собрание, поточно неговото биро се уште не се изјасниле, какви се шансите предлог - резолуцијата да биде ставена на расправа на пленарна сесија.

Ламберт: Сега се’ зависи од бирото на Парламентарното Собрание на СЕ. Искрено речено, јас по малку стравувам дека нашата предлог-резолуција ќе биди блокирана. Од искуство знам дека при ваквите и слични резолуции, кои се сфатени дека се насочени директно против позициите на една земја членка, таа земја се чувствува нападната. Да бидам јасен, мојата намера не беше да нападнам некого, ја напаѓам само земјата. Имам голема почит кон Грција и Грците. Мојата идеја со оваа препорака е дека луѓето мораат да почнат да бараат решение за да можат повторно да живеат заедно. Тоа е мојата идеја, бидејќи тоа навистина недостига. Во предлог-резолуцијата е објаснето дека тие - политичките бегалци, денес се луѓе на седумдесет годишна возраст и немаат можност да си ги вратат назад одземените државјанства и имоти во Грција.

Што очекувате од Грција со оваа предлог - резолуција, бидејќи рековте дека таа не е насочена против неа?

Ламберт: Тоа е јасно и се надевам дека таа најмалку што може да направи, е да размисли. Не знам дали времето е добро за Грција да реагира мудро и да донесе мерки со кои ќе го разреши овој проблем, но во најмала мера дебатата ќе биде отворена за да се најдат трајни решенија.

Дали тоа ќе приоднесе и за подобрување на ситуацијата на македонското малцинство во Грција?

Ламберт: За ситуацијата на Македонците во Грција се надевам дека ќе може да имаат право да се изразат на нивниот јазик, да се чувствуваат слободно во нивниот идентитет. На мислење сум дека разноликоста што постои во Европа е многу важна. Јас не сум многу специјализиран за положбата на Македонците во Грција. Нивната положба како малцинство е многу тешка, и оптоварени се со проблемите кои постојат меѓу Грција и Република Македонија. Потребно е да се најде решение за Грција да не стравува повеќе од територијални претензии од страна на својот сосед.

Но Македонија во својот Устав има зацртано дека нема територијални претензии ниту кон Грција, ниту кон другите соседи.

Ламберт: Да, ама знаете дека во Грција навистина постои тоа стравување. Затоа мора да се направат напори за да се најде решение со што ќе се смираат и ќе ги отстранат тие стравувања. Во регионот од секогаш односите биле затегнати. Затоа би било мудро да се започне со решавање на еден од проблемите, се надевам дека нема да дојде до нови војни како што најавуваат некои.

Како белгиски сенатор и член на ПС на СЕ, дали сте задоволен со акцијата која ја води Европа во овој дел на европскиот континент?

Ламберт: Не! Мислам дека општо земено не се грижиме доволно за регионот.

Г-дине Ламберт го споменавте проблемот со името на Република Македонија како дополнителна тешкотија за постигнување на правата на македонското малцинство во Грција, што мислите за прашањето со името?

Ламберт: Јас ја разбирам позицијата на Грција во однос на името на Република Македонија, но не треба да се конфронтираме туку треба да најдеме решение. Името Република Македонија не е единственото решение, може да се најде нешто друго. Во политиката се потребни иноваторски идеи и да се обидуваме да изнаоѓаме решенија, а не да создаваме проблеми. Ние ги знаеме проблемите и причините поради кои Грција се спротивставува на името Македонија. „Северна Македонија“ може да биде едно решение, сите добро знаеме дека еден дел од Македонија се наоѓа во Бугарија, другиот во Грција и Албанија, префискот во името може да го реши проблемот. Една од двете страни треба да го направи првиот чекор кон другата. Тоа е одговорноста што ја носат политичарите. Но не сум јас тој кој треба да одлучи на нивно место. Убеден сум дека од двете страни, како од македонската така и од грчката има доволно луѓе, кои можат да го направат потребното за да се најде решение.

Дали проблемот со името е доволно познат кај европските политичари и јавноста?

Ламберт: Проблемот со името не е многу познат во јавноста, но за политичарите тој е познат. Ние веќе се соочивме со тој проблем при приемот на Македонија во НАТО или пак за проширувањето на ЕУ. Проблемот со името се поставува често и сметам дека политичарите се добро запознати со него. Но тоа не значи дека секој може политички да го разбере и не можеме да кажеме дека се грижиме доволно за него.

Да се вратиме на вашата иницијатива за запирање на дискриминацијата на која се изложени етничките Македонци - бегалци од граѓанската војна во Грција, дали таа ќе донесе наскоро резултати?

Ламберт: Тоа ќе се види во моментот кога ќе знаеме какво продолжение ќе и се даде на Предлог-резолуцијата. Таа може да биде блокирана на бирото на Парламентарното Собрание на Советот на Европа, знаете тоа е една од можностите, но ќе видиме. Во моментов навистина не знам, се надевам дека ќе имаме еден добар резултат, но тоа не можам да го кажам со сигурност.

DW.COM

Поврзана содржина