1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Теми на денот

Потребна е само работа и ништо повеќе!

Интервју со македонската вице-премиерка задолжена за евроинтеграции, Габриела Коневска Трајковска. Интервјуто го водеше Нада Штајнман

Габриела Коневска Трајковска (во средината)

Габриела Коневска Трајковска (во средината)

Во Европа Вие важите како млада, динамична ,министерка полна со ентузијазам министерка. Луѓето во западните земји очекуваат од Вас многу решенија. Што успеавте да направите како влада на млади динамични луѓе?

Трајковска: „Оваа влада која што на позиција е веќе некаде повеќе од четири месеци, има главна интенција и главна цел да го промени целокупниот имиџ на претставувањето на Република Македонија, и да ги утврди конечно приоритетите кои што би требало да ги бара новото време. Оваа влада си постави пред себе задача да заврши со процесот на транзиција и да заврши со оние транзициони профитери кои што за жал не ставаат на маргините на оној дел на Европа на кој што ние по логиката на нештата веќе не припаѓаме. Имено, Македонија во овој домен направи голем исчекор со добивањето на статусот земја кандидат. Ова е голема одговорност и токму сите приоритети на владата ги фокусираме во овој дел. И тука се фокусираме на две клучни области. Првата област е исполнувањето на економските критериуми. Не ненамерно, ги кажувам први, бидејќи оваа влада сака посебно да покаже дека Македонија е земја која што е достојна не само за инвестирање, туку и земја која што може да даде вредност и да биде онаа со која што може да се покажеме како производ во ЕУ. Вториот сегмент е исполнувањето на политичките критериуми.Тие во голема мерка се практично прашање кои што се приоритети и беа обработувани од многу влади наназад. Главен приоритет на владата е борбата против организираниот криминал и корупцијата и реформата која што се однесува на правосудниот систем. Затоа што само на овој начин ќе можеме да бидеме достојни, да покажеме на ЕУ дека ние сме партнери од доверба. Знаете, ако дојдат овде инвеститори, а немаат сигурност за своите инвестиции,ако ние постојано ја промовираме оваа земја како земја во која што владее принципот на владеењето на правото и воопшто дека овде има функција на правната држава, тоа навистина мораме да го покажеме на терен.„

Токму деновиве доживуваме нешто во Македонија што не им остава простор на граѓаните да имаат доверба во новата влада.Се случува случајот со запленувањето на оружјето во камионите , се случува упадот на специјалците во дискотеката, исто така и во парламентот беше претседателот на државата, а владата не дојде. Значи во тие настојувања да се прикаже една поинаква Македонија, засега не се успева. Сликата е поинаква . Зошто?

Трајковска:“Сликата која што Република Македонија ја дава во реалноста е практично слика која што е да речеме рефлексија на она што се случува на домашниот терен. А, тоа е изместената логика во однос на утврдувањето на приоритетите. Она што се случи , за случаите кои што ги раскажавте сега , првата работа што се однесува со трговијата со оружје, овдека немаме ниту некаков инцидент ниту некаков случај, туку имаме делување на правната држава. Практично она што очигледно било занемарувачки или не било забележано за подолг временски период за првпат беше установено од Министерсвото за внатрешни работи и кривичните последици нормално ќе следуваат. Останатите два инциденти се инциденти кои што за жал не одат во прилог на функционирањето на правната држава. Зошто е сето ова? За да во одреден временски период се постави прашањето на постигнатиот политички консензус во една држава. Кај нас се што се случува конечно добива и политичка конотација. За сето ова ние не оставаме да функционира правната држава , ние не дозволуваме системот да реагира во моментот , за нивно казнување, најдување,туку постојано во јавноста ги дуеме овие настани, ја дуеме приказната со цел да покажеме дека ние еве не функционираме. Тоа не оди ниту во прилог на опозиција ниту на позиција. Што се однесува до присуството во собранието по однос на говорот на претседателот на државата ова е практично само рефлексија на сите оние изнесувања кои што во долг временски период беа кажувани за контраверзноста на неговиот избор. Ова е еден став кој што долг временски период владеачката коалиција односно владеачката партија го покажува како став кон претседателот на државата. Кога станува збор за почитување на институцијата, тука не стои воопшто фактот,неспорен е дека мора да има соработка меѓу институциите. Значи институцијата претседател со институцијата на владата. По мое мислење кога станува збор за соработката по институциите, оваа влада покажа доблест дека може да комуницира. Затоа што на почетокот одлично одеше делот кој што се однесува посебно за безбедносната, за надворешната политика, интеграцијата во ЕУ, интеграцијата во НАТО. Верувам дека логиката на политичарите ќе не наведе да едноставно и овие прашања ги решиме на начин кој што ќе бидат за добробит на нацијата,затоа што не смееме да си дозволиме партиските да ги ставиме над државните интереси.“

Токму тоа го доживувам деновиве овде, дека од она што го гледаме на телевизиите сепак меѓу партиските спорови и кавги се поважни од националните интереси и од добробитта на народот. Јас Ве прашувам зошто тоа се случува?

Трајковска: “Затоа што во РМ сме експерти да направиме принцип на дефокусирање. Во ниеден момент не ни е во прилог да кажеме дека ова ни е сега приоритет,и да оставиме тој приоритет да го истуркаме до крај. На неколку од средбите кои што ги имавме со опозицијата и на последното обраќање во однос на извештајот на Европската Комисија, во собранието, истакнав дека е многу битно како ние ќе се однесуваме кон приоритетот ЕУ. Значи не да застанеме и само политички да кажеме: нам приоритет ни е ЕУ, туку навистина да се фокусираме на ова прашање.“

Зошто со години се тапка во место? Затоа што проблемите се исти? Немаме решавање ниту на прашањето со името, ниту решавање на границата. Секогаш одново се појавува прашањето на јазикот итн. Значи имаме една држава која секогаш одново ја доведуваме во нејзиното самобитие во прашање?

Трајковска:“Првенствено мислам дека прашањето за самобитие на РМ е одамна затворено прашање и не треба да се апострофира затоа што многу години наназад од страна на сите влади кои што биле е постигнато многу. И тоа треба да се признае , треба да се афирмира затоа што верувам и тврдам дека не постои ниту една политичка партија не постои ниту една влада која што работела , дека не работела во рамките на интересите , на националниот интегритет и идентитет на РМ.

Нерешениот статус за Косово,што тоа значи за Македонија?

Трајковска:“Тврдам дека ова за РМ не може да значи ништо негативно, бидејќи во оној момент кога Косово ќе го добие конечното решение со постигнување на заемна согласност меѓу Белград и Приштина, потпомогнати од меѓународната заедница, РМ како и досега ќе игра конструктивна улога,бидејки досега наназад не се случило РМ да има неконструктивен или негативен однос кон било која своја соседна држава вклучувајќи ја во оваа ситуација и областа Косово. Кога ќе се донесе решението од меѓународната заедница ,РМ ова истото ќе го прифати и ќе воспостави систем на соработка на начин на кој што навистина го бараат приоритетите и на нас, и на нашата држава и на Косово. Тврдам дека во моментот со добивањето на статусот на независност , доколку тоа се случи ќе имаат поголем степен на одговорност во однос на прашањата кои што се однесуваат на борба против организираниот криминал и корупција. Бидејќи тогаш кога добивате свој субјективитет, Вие сте и одговорен истиот да го штитите односно да покажете дека сте достоен да бидете во семејството на меѓународните организации. Само на тој начин ќе можеме да го избегнеме ова што денеска го имаме, да Косово претставува црна дупка на Балканот во однос на прашања кои што се поврзани со одредени регулативи борба против организиран криминал и корупција. Не смееме прашањето за Косово како проблем да го увеземе во РМ. Македонија има свои специфики кои што тврдам дека не кореспондираат со логиката која што некои сакаат да ја наметнат.

Брисел бара едно, владите сите како што рековте, се обидуваат да направат многу ,меѓутоа секогаш одново се доаѓа до кочници во општетсвото во структурата, Вие дури го нарекувате тоа во системот. Како ќе се смени системот затоа што ова што се доживува во Македонија, покажува навистина како да не се мрднало во последниве 15 години, ако се има во предвид опкружувањето-Бугарија веќе влегува во ЕУ, а пред 15 години Македонија беше запад за соседните земји.

Трајковска: “Темпото што се однесува до ЕУ ние го изгубивме со агедната 2000. Во 1995 –1996 година кога земјите од нашето непосредно соседство или поблиску од Централна Европа , разговараа за прашањето за ЕУ, ние овде разговаравме за други егзотични теми.Ова треба да си го признаеме како ноторен факт и оттогаш наваму се провлекуваат сите оние работи кои што ние сме ги утврдиле како приоритет. Да се потсетиме дека ние за прв пат во тој временски период кога останатите имаа веќе развиени добри билатерални односи , ние за прв пат воспоставивме дипломатски односи со ЕУ во периодот 1995 –1996 година. Значи не можеме да имаме исти очекувања што имале нашите соседи во момент кога веќе биле подготвени, поднесувале апликации, формирале стратегии, национални програми итн. Тој воз што е пропуштен е пропуштен. Вториот воз не смееме да го пропуштиме, а тоа значи да се однесуваме одговорно како земја кандидат, на две нивоа и на ниво на позиција и на ниво на опозиција.Затоа што во тој принцип ако не најдеме заеднички концепт на утврдувањето на предностите ние во заложништво го држиме целиот македонски народ. Зашто немаме никакво право граѓаните да ги држиме во свој концепт на заложништво заради лични цели и фрустрации на одредени политички лидери. Овде кога зборувам , зборувам во глобала за сите. Паметни држави во овој временски период кога пристапувале утврдувале кои се приоритети. Ако ЕУ ни е приоритет , ако НАТО ни е приоритет се постигнува национален консензус , внимавајте не политички, национален консензус, и за тој национален консензус не да се излезе од говорница да се зборува ние сакаме ова да ни биде приоритет, се утврдуваат конкретно чекори, ќе правиме ова, ова и ова, 2007,2008,2009,2010 итн, со цел да покажеме дека ние имаме констурктивен однос кон ова прашање. Во спротивно ние го имаме само ова што сега го зборуваме, декларативен однос. Легитимитетот упорно тврдам, тоа го кажав и во собранието и легалитетот на спроведувањето на реформите се добива само по принцип на консезус. Консензус значи дијалог, дијалог значи компромис.“

ЕУ, од моите сознанија има симпатии кон Македонија и би сакала да ја поддржи, меѓутоа можеме ли да речеме дека постои и неодговорност во државата , значи можеме ли да кажеме незрелост. И дека Македонија има 15 години, ја полни 16–та тоа е пубертетско време, дали уште Македонија се наоѓа во време на пубертет?

Трајковска: “Прашањето Ви е доста интересно по однос на пубертетот, јас би сакала да кажам дека ние веќе навлегуваме во периодот на адолесценција. Значи ако земеме да разговараме само за пубертет тоа знаете поради тоа што границите се поместени тоа ќе биде уште помала возраст.Еве јас би рекла периодот на адолесценција ,каде што сериозно треба да застанеме на утврдувањето на прашањата на нашата политичка култура. Значи начинот на кој што тоа го презентираме првенствено со јавноста, како работиме со граѓаните, во кој степен ја даваме отчетноста на граѓаните. Одговорно тврдам дека ЕУ има позитивен пристап кон РМ. Во ниеден момент прашањата кои што се однесуваат на проширување на Унијата не се артикулираат само за РМ. Станува збор за други држави во кои што дел во опкружувањето се и околу нас. Меѓутоа во ниеден момент не станува збор лично за РМ. ЕУ покажа и даде подадена рака на РМ. Има специфики ,не се променети критериумите, засилени се мерките во однос на имплементацијата, и тоа е во ред затоа што само на тој начин ќе можеме да дојдеме до ова ние што го бараме –да имаме функционирање на правната држава. Оти, конечно сето ова што го правиме ние не го правиме за Брисел, туку треба да го правиме сами за себе. Ако го правиме само за Брисел, тоа ќе биде само еден памфлет со кој што само ќе се мафтаме, меѓутоа кога ќе дојде до процесот на имплементација ние ова ќе го ставиме под знак на прашалник.“

За да се разбуди колективната свест, значи во моментов констатираме дека нема колективна свест, секој си гледа за себе, како тоа може да се промени во ова општетсво?

Трајковска:“Само работа и работа ништо повеќе. Работа на проекти,имплементација на програми, имплементација на стратегии, вклучување на сите т.н “Стејк Холдерс“ или оние кои што се одлучувачки по одредени прашања. Ако зборуваме за прашања кои што се однесуваат на бизнисот или исполнување на економските критериуми, бизнис структурата, стопанските комори мора да бидат вклучени. Ако зборуваме за борба против организиран криминал и корупција, невладини организации,значи да се направи општа мобилизација на сите оние што можат да помогнат во процесот на креирање на една модерна РМ, без никави фрустрации или да не речам предиспозиции кои што ги имаме за некаква национална или политичка припадност. Од ова мораме да се ослободиме, затоа што ниту имаме куриозитет ниту имаме толку многу голем кадар во секоја политичка структура, а да не зборуваме и во секоја нацонална структура за да можеме ова да го покажеме. Македонија може да покаже и тврдам дека досега покажа многу резулати.

Модерна Македонија,со модерни млади луѓе и со модерни постари луѓе кои сакаат конечно после времињата кога се велеше реформи ,реформи сега велите работа,работа,работа,меѓутоа животот не е само работа туку и задоволство.Се наоѓаме во период непосредно пред Новата Година и Божиќ. Вашата порака до луѓето, до граѓаните, на што да се радуваат, ако нон стоп мора нешто да прават и прават, а не се радуваат Македонците во овој период затоа што е времето тмурно а и приликите во земјата не се подобрија ниту од последниве месеци откако Вие дојдовте на власт. Што им порачувате?

Трајковска:“За да се покажат доблестите во периодот кога е дојдена новата влада,навистина е премногу краток периодот и тука ќе се сложите дека не можеме да покажеме никакви чуда. Практично ние и во кампањата и претседателот на Владата, господинот Груевски, кажа дека ние не нудиме чуда, ние нудиме концепт како да ја превртиме приказната во Македонија. Значи од неуспешна и фрустрирачка приказна да станеме успешна приказна, која што првенствено ќе им го врати достоинството на луѓето, кои што ќе бидат горди да речат знаете јас сум од таа и од таа земја која што тоа ,тоа и тоа успеа да го направи. На граѓаните на РМ првенствено ќе им посакам да се сакаат меѓусебно и да ја сакаат Македонија. Секогаш кога ќе си го постават прашањето што Македонија може да направи за нас ,нека помислат што тие можат да направат за Македонија. Само на тој концепт ,кој што одамна во една многу развиена држава, Кенеди ги повика на еден ваков систем на организирање, постигнаа големи и чудни резултати. Верувам дека и ние ќе дојдеме во еден таков временски период во кој што сите ќе се гордееме.“