1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Потребна е експертска помош

Министерот за внатрешни работи на покраината Брандбенург, Јерг Шенбом, како актуелен претседавач со Конференцијата на покраинските министри за внатрешни работи на Германија, разговараше со ресорните колеги од Балканот.

default

Јерг Шенбом

Македонија оствари најголем напредок во насока на посакуваната слобода на патување на нејзините граѓани во ЕУ - оцени министерот за внатрешни работи на германската покраина Брандбенург, Јерг Шенбом. Визниот режим беше само една од темите на кои Шенбом, во својство на актуелен претседавач со Конференцијата на сите покраински министри за внатрешни работи на Германија, разговараше со ресорните колеги во Македонија, Албанија и Косово за време на мини-турнејата во регионот, во текот на неделава.

Македонија е стигната најдалеку

Патувањето на министерот за внатрешни работи на германската покраина Брандбенург, Јерг Шенбом, требаше да ги испита перспективите за натамошен ангажман на Германија во стабилизирањето на состојбата во Западниот Балкан. Запрашан за оценка околу напредокот на Македонија, Албанија и Косово во процесот на реформи и посебно околу настојувањата да обезбедат безвизен режим со ЕУ, Шенбом изјави: „Според впечатокот што го добив при посетата, најдалеку е стигната Македонија во рамките на сите документации и прашања поврзани со визниот режим. Поради тоа, Македонците упатија и дополнителен сингал со симболичко значење, имено, од средината на неделава граѓаните на ЕУ можат да патуваат во Македонија само со лична карта. Јас на сите соговорници таму, им порачав дека одлуката за слобода на патувањето и во спротивна насока е во рацете на ЕУ. Германија, секако, ќе развие сопствена позиција по ова прашање. Во ноември прво се очекуваат извештајот за напредок што го изготвува Европската комисија, а потоа наредната година Комисијата ќе се занимава и со визниот режим.“

Визите се скапи и до нив се доаѓа тешко „Пораката од земјите во регионот е дека тие сакаат нивните млади што е можно порано да можат слободно да патуваат во ЕУ и со тоа да имаат можност да ја запознаат унијата, да го запознаат она кон што и нивните земји сакаат да се развијат како потенцијални членки на ЕУ. Сега нашите млади се многу ограничени на Балканскиот регион, тврдат одговорните во регионот. На моето укажување дека и сега има можност младите да поднесат барања за виза и дека визите принципиелно се одобруваат, домаќините ми одговорија дека постапката за добивање виза за некоја земја членка на ЕУ е сложена. Со неа се поврзани и големи трошоци, така што добивањето виза за ЕУ во Македонија и во Албанија има многу голема вредност“, пренесува Шенбом.

На земјите од Западен Балкан им е потребна експертска помош Искуствата на земјите од регионот покажуваат дека постои опасност да се изгуби многу време на административни потешкотии, како на пример создавање дигитализирана база на податоци за сите граѓани, што е еден од условите на ЕУ. На прашањето дали може да се стори нешто за да се забрза ваквиот процес во Македонија, Албанија и Косово, Јерг Шенбом порача: „Сметам дека е неопходна експертска помош. Можам да кажам посебно за Македонија, бидејќи нејзе и’ даваме помош веќе четири години во врска со реформата на полицијата, дека таму може да се видат резултати. Македонците, како и Албанците, извршија сеопфатна дигитализиација на податоците, така што тие се брзо и лесно достапни. Тоа е патот што треба сите да го минат. Косово во таа смисла мора прво да се справи со внатрешните напнатости, мислам пред се’ на тензиите меѓу мнозинското албанско население и српското на северот. Ќе треба уште некое време додека Косово успее да изгради заеднички систем што ќе ги опфаќа сите негови граѓани“, вели во интервјуто за Дојче Веле, Јерг Шенбом, министер за внатрешни работи на германската покраина, Бранденбург и актуелен претседавач со Конференцијата на сите покраински министри за внатрешни работи на Германија.