1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Потребен е консензус за достигнување на наредната фаза

Амбасадорот на ЕУ во Скопје, Ерван Фуере со оглед на последниот извештај на Еврокомисијата, ги охрабри политичките субјекти во Македонија да работат заеднички за земјата да добие датум за почеток на преговорите со ЕУ.

default

На македонскиот премиер Никола Груевски му беше врачен последниот извештај на Европската комисија.

Извештајот на Европската комисија на премиерот Никола Груевски му го предаде амбасадорот на ЕУ во Македонија, Ерван Фуере. Притоа Фуере му се заблагодари на премиерот Груевски дека го примил извештајот и на неговата посветеност да стори се’ за Владата да ги промовира реформите посочени во извештајот.

Изборите најголем проблем

Од друга страна Европската комисија ќе ги охрабри сите политички партии во духот на консензус да работат за Македонија да може да ја достигне наредната фаза.

На протоколарната средба со Груевски, со кого во последно време разменуваа остри пораки, Фуере беше умерен. Тој му препушти на Груевски да ги каже причините поради кои и по четири години од добивањето на кандидатскиот статус , Македонија сеуште не може да ги започне преговорите за членство во ЕУ.

„Колку што можев да разберам, пред се’ поради политичкиот дел, изборите, некои административни проблеми и проблемите со политичкиот дијалог“, рече Груевски.

Односот на Грција обесхрабрувачки

Премиерот ги наброја и сферите во кои е констатиран напредок: економијата, борбата против корупцијата и криминалот, реформата на судството, визната либерализација и полициските реформи. Во извештајот е оценето дека Македонија генерално има добри односи со соседите.

Груевски меѓутоа истакна дека особено обесхрабрувачки за Македонија се секојдневните изјави на една земја членка на ЕУ, која вели оти се додека не се постигне договор за името, Македонија нема да може да добие датум за почеток на пристапните преговори.

„И уште пообесхрабрувачки е тоа што од нејзините партнери во Унијата нема никаква реакција“-истакна Груевски.