1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Теми на денот

Потребен е гест на добра волја

Грчко македонските односи по 15 години преговори за името преоѓаат во нова фаза. Теза на Проф. Танос Докос, директор на ЕЛИАМЕП, грчка фондација за европска и надворешна политика.

default

Ќе има ли промена на грчката политика по изборите?

Проблемот со името со Македонија беше една од главните теми во предизборната кампања во Грција. Премиерот Караманлис изјави дека ако победи, за негово решавање ќе ги искористи сите средства. Не исклучи ниту вето за членство на Македонија во НАТО и ЕУ. Ќе го исполни ли ветувањето? Или ова беше само дел од предизборната реторика?

Ова е тешко прашање. Особено поради фактот што во предизборната кампања во Грција воопшто немаше дебата за надворешната политика со еден исклучок – односите меѓу Грција и ФИРОМ и проблемот со името. На политичката сцена во Грција во изминативе неколку месеци се посилна е една не толку нова ултрадесничарска партија, која беше многу успешна на изборите. Во кампањата зборуваа за повеќе теми, но нејзината платформа е главно националистичка па така тие многу се фокусираа на проблемот со името. Под притисок на оваа партија, владеачката конзервативна партија која сега повторно ги доби изборите беше принудена да заземе поцврста позиција од порано во однос на билатералните односи меѓу Грција и ФИРОМ. Така произлезе и изјавата на премиерот за можно вето. Но, сепак темата останува голем проблем во главите на многу Грци, особено на оние што живеат на северот на земјата. Се третира на многу емоционален начин. Од друга страна, тесното мнозинство кое во парламентот го има сега новата влада -152 места, што е само две места над минимумот – ја намалува флексибилноста и просторот за маневар на владата. Ако ме прашувате дали ќе го исполни она што го рече и дали ќе стави вето кога ќе дојде време да се одлучува за членство на ФИРОМ во НАТО, и евентуално во ЕУ, одговорот е едноставен - за сега не знам. Но, апсолутно не може да се отфрли таквата можност.

Но, од друга страна вето ќе значи и крај на времената спогодба во ОН?

Во главите на многу луѓе времената спогодба беше корисна, но технички гледано таа е завршена и повеќе не може да даде решение за билатералниот проблем. Секако,ако се случи такво нешто, тоа ќе си има своја цена. И Грција е свесна за тоа. Да ја сумираме грчката надворешна политика. Во наш интерес е да се зачува територијалниот интегритет на ФИРОМ. Со соседите сакаме да одржуваме добри политички, економски и дипломатски односи. Имајќи го ова в предвид, многу ќе ја чини Грција ако стави вето за членство на ФИРОМ во НАТО или ЕУ. Последиците нема да се чуствуваат само во односите со ФИРОМ, туку и со нашите партнери во НАТО и ЕУ. Сите политичари во земјата, или поголемиот дел од нив многу добро го сфаќаат тоа. Но, притисокот на јавното мислење врз политичарите во Грција е толку голем што ќе биде тешко да не се реагира никако, во случај да нема никаков прогрес во решавањето на ова билатерално прашање. Тогаш ќе загубат многу на домашен план. Сакам да кажам, дека на секоја грчка влада, без разлика дали на сегашната или некоја идна, и е потребен гест на добра воља од ФИРОМ, некаква мала отстапка.

На пример?

Секаква мала, навистина мала, промена на името. На сите им е јасно дека терминот Македонија ќе биде централен елемент од името. Но, потребно е некаква навистина мала промена. Можеби Македонија напишана според транскрипцијата на јазик во земјата, или Македонска република. Има повеќе предлози, со кои нема да му се наштети на уставното име на земјата, а од друга страна ќе ја задоволат грчката јавност. Тогаш грчките политичари ќе може да го прифатат и поддржат предлогот, без да ја загубат довербата кај народот. Бидејќи тоа е важно во секоја држава.

Дали тоа значи дека од старо новата влада може да очекуваме радикализација на политиката на Атина кон Скопје?

Од една страна гледам голема воља за поддршка на евроинтегративните процеси на ФИРОМ и напорите да стане членка на евроатлантскиот сојуз. Но, ако нема прогрес во однос на проблемот со името, Грција нема да може да игра конструктивна улога. Напротив, ќе има негативна улога во однос на членството на земјата во европските институции. Како што реков, тоа секако ќе се одрази и врз Грција, и врз ФИРОМ, Балканот и стабилноста на регионот.

Од друга страна Македонија очекува покана за членство во НАТО на следниот, пролетен самит на Алијансата. Тоа значи дека Грција нема многу време да одлучи како ќе реагира. Дали ќе го блокира процесот или не, и под какви услови ќе продолжи процедурата?

Навистина сум загрижен и мислам дека Атина во случајов нема голем избор. Гледајќи на политичката атмосферата овде и на расположението кај водечките членови во владата, на расположението меѓу политичарите кои доаѓаат од северниот дел на земјата, мислам дека немаат простор за избор. Јасно им е дека е голема цената на неконструктивна политика, како на пример примена на вето, но сметаат дека ако не реагираат ќе загубат многу повеќе на домашен план. Во оваа фаза, сум песимист во однос на билатералните односи меѓу двете земји. Од друга страна секогаш има доволно време да се реши проблемот. И знам дека меѓународната заедница ќе се обиде да помогне во изнаоѓање решение во наредните неколку месеци. Да, од една страна немаме доволно време, но од друга ако има воља ќе има доволно време да се најде решение кое ќе им помогне на двете страни да си ги исполнат целите.

Но, преговарачкиот процес трае 15 години. Дали го гледате крајот, бидејќи и политичарите во Скопје се соочуваат со истиот притисок од домашната јавност, како и оние во Атина.

Токму затоа процесот трае толку долго. Секој објективен набљудувач може да ја разбере и позицијата и аргументите на Скопје. Поради тоа на двете страни им е тешко да постигнат компромис. Но, компромисот е единственото решение. Ако не, двете страни, ќе платат значајна политичка и економска цена. Нема да биде иста, но да ја повторам мојата поента. Двете страни мора да понудат нешто и да попуштат некаде.

Што ќе понуди Грција како компромис?

Грција ќе даде согласност за име речиси исто како уставното, кое би имало само мала промена, и ќе понуди целосна поддршка за Скопје во напорите да стане дел од евороатлантските структури и да напредува таму.

Тоа значи дека евроинтеграциите на Македонија ќе зависат од тоа дали ќе се реши проблемот со името?

Мора да се има предвид дека проблемот со името не ист како и пред 15 години, кога грчката позиција според многу набљудувачи беше ирационална, и тоа со право. Тогаш не прифаќаа терминот Македонија да биде дел од името. Сега имаат многу пореален пристап. Јасно е дека ФИРОМ во меѓувреме е признаена од многу земји под уставното име и тоа не може да се промени. Значи поимот Македонија останува дел од името. Можеби како централен елемент од името на кој може да му се додаде нешто. Или да се употреби неговата словенска транскрипција или слично. Ние нема да бидеме среќни со таквото решение, ама може да живееме со него.

Косово е уште една многу важна тема за регионот. ЕУ се обидува да најде единствена позиција околу ова прашае. Познато е дека Атина и Белград имаат добри билатерални односи. Од друга страна, во последно време се повеќе се слушаат гласови дека ЕУ ќе поддржи еднострано прогласена независност на Косово ако нема напредок во преговорите. Каква би била позицијата на Грција во таков случај?

Многу работи се променија во последниве десет години. Релациите меѓу Атина и Белград се добри, но не се толку блиски како во минатото. Не затоа што имаме проблем со Белград, туку дека сакаме да ги развиеме и нашите односи со албанската заедница во ЈИЕ. Мислам дека грчката надворешна политика сега е многу повеќе избалансирана отколку порано. Ние би сакале да избегнеме авантура на Балканот и затоа целосно ќе ја поддржиме позицијата на ЕУ. Она што би сакале да го избегнеме, е на пример да има признавање од страна на САД, на еднострано прогласената независност, без одлука во Советот за Безбедност. По секоја цена сакаме да избегнеме ситуација во која секоја членка на ЕУ поеднечно ќе мора да одлучува по ова прашање. Атина не би сакала да се случи вакво нешто. Заедничка позиција во ЕУ, ќе биде решение поголемиот дел проблеми за Грција по ова прашање.


Според вас каков ќе биде крајниот исход околу статусот на Косово?

Тоа е многу тешко прашање на кое немам одговор. Не би сакал да го повторувам она што е кажано во последниве месеци и години. Бидејќи е ова навистина компликувано прашање.

Песимист сте или оптимист?

Благо песимистички настроен. Мислам на Косово се уште ќе гледаме лоши денови, додека да видиме подобри.

Дали настаните околу Косово ќе можат да влијааат врз безбедноста во регионот?

Мислам дека таквите денови се минато. Премногу земји и институции се инволвирани во регионот и во решавањето на ова прашање. Во наредните месеци не очекувам нови конфликти, но мислам дека ќе има тензија и тешки ситуации.

Поврзана содржина