1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Европа

Потрага по криминалците и на Фејсбук

Само во текот на 2011. година на интернет се забележани 5,5 милијарди хакерски напади. Кибер-криминалот беше главна тема на неодамнешниот Европски полициски конрес во Берлин.

Обвинението е тешко и гласи: Кина обучила тајна армија хакери за напади врз американски цели. Доколку тоа тврдење на американската безбедносна фирма „Мандиант“ се покаже точно, тоа значи дека компјутерските експерти веќе со години успешно напаѓаат владини институции, медиуми и приватни компании. Оваа вест беше објавена точно на почетокот на Европскиот полициски конгрес кој неодамна се одржа во Берлин.

Кинеското министерство за надворешни работи веднаш ја демантираше оваа информација и ги обвини Американците за кибер напади во Кина. Актуелниот спор меѓу двете супер-сили на драстичен начин ги илустрира размерите кои ги добиваат хакерските напади, односно виртуелното бојно поле како на државно, така и на приватно-економско ниво.

Како да се одговори?

Europäischer Polizeikongress / Berlin

Полицискиот конгрес во Берлин

Според информациите на американската фирма за интернет-заштита Симантек од САД, во текот на 2011. година на интернет биле регистрирани 5,5 милијарди кибер напади. Во Германија во истиот период Сојузната служба за борба против криминалот БКА забележала 60 илјади конкретни случаи на кибер криминал, вели заменикот директор на таа служба Јирген Маурер. Тој смета дека вкупните размери и последици не се согледиви и додава дека конкретна опасност постои.

Претседателот на Сојузната служба за заштита на уставниот поредок Ханс Георг Масен смета дека на виртуелниот непријател треба да му се одговори со силна тајна служба во земјата и во странство. Тој објаснува дека е многу тешко да им се влезе во трага на хакерите затоа што тие често и брзо ги менуваат компјутерите и серверите.

Макс-Петер Рацел, директор на Еуропол од 2005. до 2009. година смета дека значењето на општествените мрежи како Фејсбук и Твитер е огромно. Ник Кин, експерт за дигитална техника во британската полициска академија го спореди Интернетот со автопат без ограничувања и без контрола.

„Во некои земји не само што нема ограничување на брзината, туку нема ни сообраќајна полиција. Во такво опкружување се чувствувате несигурно, бидејќи кога се движите по таков автопат никој ништо не презема доколу нештата тргнат наопаку“.

Потерници на Фејсбук

Полицијата во Долна Саксонија го користи Фејсбук во пронаоѓањето криминалци. Претседателот на тамошната полициска управа Аксел Брокман вели: „Имавме случаи за кои долго време преку класичните средства за информирање објавувавме потерници и се обидувавме да дознаеме нешто повеќе. Дури откако ја поставивме информацијата на Фејсбук, набрзо ги добивме сите потребни информации. Се работеше за осум тешки случаи на сексуални деликти, тешки телесни повреди и кражби во фирми. Сите тие случаи ги решивме преку Фејсбук“.

Покрај тоа, користејќи го Фејсбук се поправи и имиџот на полицијата, а 75 отсто од младите кои одлучиле да и се придружат на полицијата, го сториле тоа токму од таа причина.