1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Потписот на Меморандумот е најлесниот дел

Политичките партии во Mакедонското собрание со исклучок на ЛП и ДПА ставија потпис на Меморандумот за стратешка цел, членство на Македонија во ЕУ. Дел од аналитичарите предупредуваат на сериозност во преземените обврски.

Потписот на Меморандумот за членство во ЕУ според аналитичарите е позитивен чекор, но претстои потешкиот дел од задачата. Придржување кон преземените обврски дека ќе соработуваат „во духот на добрата волја“ во исполнувањето на критериумите за полноправно членство. Универзитетскиот професор Билјана Ванковска во изјава за Дојче веле смета дека со овој документ и претходно формираната комисија за утврдување на фактите за настаните од 24. декември европските челници на одреден начин како да побарале партиите да се „заколнат“ во својата посветеност кон евроинтеграциите. Со други зборови вели таа, тоа беше мека дисциплинска мерка и акт за кој постојано ќе бидат потсетувани кога ќе застрануваат.

„Претпоставувам дека на овој начин ВМРО-ДПМНЕ и другите партии настојуваат пред Брисел да искажат едногласност, ама и да ја потврдат сопствената ориентација кон европските цели.

Flaggen der EU und Mazedonien in Skopje

Со оглед дека дел од вредностите и целите кои се наведени во Меморандумот се и вградени, имплицитно или експлицитно, во темелните вредности на уставниот поредок, нашите политички субјекти како да се потсетуваат кон каков политички систем се стремиме, односно се враќаат на 'азбуката на демократијата'. Скепсата кај посматрачите се должи на фактот што безброј пати сме биле сведоци на слични иницијативи од оние за фер избори, до тие за нулта толеранција за корупција - а тие останувале мртво слово на хартија. Ова е полесниот дел од задачата и обид за создавање 'уметнички дојам', но со оглед на сѐ останато, тешко е да се верува дека од денес натаму ќе гледаме поинаква политичка култура и прагма. Кога веќе сите се фатија за орото, мислам дека аргументацијата на ЛП и ДПА е неодржлива, и потег со кој се сака да се профитира во дневно-политички цели со глумење принципиелност“, коментира Ванковска.

Обврската за договорот во мартовскиот документ е насловена како обврска за поддршка на стратешките приоритети на земјата каде преку меѓупартиски Меморандум за разбирање (или собраниска резолуција) ќе се потврди поддршката за агендата за евро-атлантски интеграции, и обврзаност за воздржување од дејствија кои ја поткопуваат оваа цел. Оттука таа како таква и мораше да се испочитува, смета универзитетскиот професор Јове Кекеновски.

Jove Kekenovski Professor an der Fakultät für Tourismus in Ohrid

Јове Кекеновски

„Лично за мене ова не е нешто којзнае колку значаен документ од причина што ние нашата заложба и желба за приоритет на евроатланската интеграција сме ја покажале и искажале многупати досега, имаме статус на земја кандидат за член во ЕУ од 2005, на прагот сме на добивање на датум за преговори, а дополнително би сакал да потсетам дека ова е дел и од сите програми на политичките партии во Република Македонија и ниту една од нив досега не кажала дека се откажува од овој процес. Можеби новина е тоа што потпишаните политички партии јавно се обврзуваат, како пред домашната така и пред меѓународната јавност, дека нема да преземаат дејствија со кои може да се прават пречки во реализацијата на оваа заложба“, смета Кекеновски.

Задоволство од потпишаниот Меморандум изрази и известувачот за Македонија во Европскиот парламент Ричард Хауит. Ова според него потврдува дека сите партии ќе ги решаваат меѓусебните разлики по пат на дијалог, што ќе и помогне на земјата да направи напредок и во останатиот дел од реформскиот процес со што ќе се зголемат шансите за позитивен извештај од Брисел. Меморандумот го потпишаа сите партии во Собранието освен Демократската партија на Албанците и Либералната партија. Владеачката ВМРО-ДПМНЕ и опозициската СДСМ сметаат дека потпишувањето на Меморандумот е чекор во добар правец за државата.