1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Потешки времиња за Обама

Во Вашингтон денеска (05.01.) првпат заседава новиот состав на американскиот парламент, во кој претседателот Барак Обама не располага со мнозинство.

default

Нема да може без републиканците - Барак Обама

„Подготвени сме да почнеме со работа“, вели Џон Бејнер, новиот лидер на пратеничката група на републиканците во Претставничкиот дом. Тие отсега ќе го имаат главниот збор во долниот дом на американскиот Конгрес. Републиканците не само што сакаат да ги блокираат, или барем да ги одложат, останатите политички цели на претседателот, туку планираат и целосно да ревидираат некои од неговите одлуки: „Рековме дека ќе поднесеме барање за ново разгледување на здравствената реформа, колку што е можно поскоро“, потсети пратеникот Фред Аптон на ветувањето што републиканците го дадоа за време на предизборната кампања за парламентарните избори. Освен тоа, тие се залагаат и за драстично ограничување на државните трошоци и намалување на огромниот дефицит во американскиот буџет.

Или блокада, или соработка

John Boehner Republikaner USA

Џон Бејнер е подготвен да ги предводи републиканците

По парламентарните избори во ноември, на половината од мандатот на Обама, републиканците располагаат со 242 гласа во Претставничкиот дом, додека на демократите отпаѓаат 193 пратенички места. Во горниот дом, Сенатот, демократите се` уште имаат мала предност пред републиканците, но и тука ќе мора да бараат поддршка од нив при донесувањето на одредени закони. Некои набљудувачи на состојбите стравуваат дека тоа може да доведе до парламентарна блокада. Други, пак, сметаат дека двете страни мора да соработуваат, со цел да се постигне компромис.

Претседателот Обама не е првиот кој владее без мнозинство во парламентот. Меѓу другите, со истата ситуација се соочија и Роналд Реган, Бил Клинтон и Џорџ Буш.

Автор: ТТ/ГЧ/дпа/афп

Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска