1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Потенцијална Мека за селски туризам

Македонските експерти оценуваат дека земјата има големи потенцијали за алернативниот, селски туризам, но и дека се потребни значителни инфраструктурни инвестиции, за да се фати чекорот со овие нови трендови во туризмот.

default

Шар планина нуди големи можности за алтернативен туризам

Eвропската статистика покажува дека околу 25 отсто од нејзините граѓани се решаваат првиот дел од одморот, наместо на плажите, да го поминат во традиционална селска куќа, или во винарска визба. Се‘ повеќе европски туристи бараат домашна атмосфера, нетрадиционални туристички услуги и селски амбиент. Македонските експерти оценуваат дека земјата има големи потенцијали за алернативниот, селски туризам, но и дека се потребни значителни инфраструктурни инвестиции, за да се фати чекорот со овие нови трендови во европскиот и светскиот туризам, кои можат да и‘ донесат на земјата повеќе од удвојување од сегашните 40 милиони евра годишно од туризмот.

Тетово го прави првиот чекор

Туристичките работници и локалната самоуправа во Тетово го чинат првиот чекор во оваа насока, изготвувајќи ги овие месеци првиот водич и туристичката карта за Шар планина со помош на експерти од Шпанија и Франција. Тријазичниот информатор ќе биде дистрибуиран до крајот на годинава во земјите на европската унија.

Двајца експерти за туризам од Франција и Шпанија изготвуваат водич и туристичка карта за Шар Планина. Во реализацијата на овој проект, симболично наречен „Тандем“, учествуваат Канцеларијата за локален економски развој на општина Тетово, Туристичкиот информативен центар од овој град и Амбасадата на Република Франција преку Француската Алијанса.

Шпанката Шантал Собрино Тафунел и Французот Метју Сет веќе неколку месеци крстосуваат низ Шар Планина. Прават белешки и ги фотографираат местата, кои можат да бидат привлечни за странските и домашните туристи. Овој туристички информатор ќе се дистрибуира на француски, шпански и англиски јазик во земјите на Европската унија преку туристичките саеми и маркетиншката интернет – пропаганда.

Странските експерти советуваат сместување во автентични стари објекти

Шантал Собрино Тафунел вели:

„Она што го нуди планината, тоа се многу различните пејзажи, езерата. Но, нема доволно сместувачки капацитети, нема патишта и слична инфраструктура. На туристите треба да им се понуди сместување во автентични, стари куќи во планинските села, од каде што тие ќе ги посетуваат атрактивните места на Шар Планина“.

Тафунел смета дека треба да се направат приказни, можеби со некаква смеса на култури, или религии, со што ќе биде побуден уште повеќе интересот кај странците.

Францускиот туристички експерт Метју Сет дополнува: - „Овој проект е со цел да се развие туризмот во Тетово и воопшто во Македонија. Вие треба да научите да управувате со просторот и со потенцијалите на оваа планина“.

Флора Бајрами, координатор во Канцеларијата за локален економски развој на општина Тетово и во Туристичкиот информативен центар, нагласува:

„Кога Французите ни го понудија овој проект, ’Тандем’, ние веднаш ги примивме со отворени раце и разговаравме со градоначалникот дека е добро да се направи нешто, да се развие селскиот туризам. Да направиме нешто интересно таму горе, можеби кампови, да биде интересно и за нашите луѓе, потоа и од другите земји од Европа, да бидат заинтересирани да дојдат“.

Без вложувања нема да има резултати

Какви се, пак, потенцијалите на Република Македонија на овој план? Дали, навистина, утринските будења со петли, традиционалниот појадок во селска кујна, молзењето крави и дегустацијата на вино, или кисело млеко, можат да бидат еднакво атрактивна и квалитетна замена за одморите минати на егзотичните плажи, или во некој од монденските светски планински центри?

Mavrovo, Mazedonien

Маврово, чиста природа

Пензионираниот универзитетски професор по агромаркетинг Борис Анакиев истакнува:

„Македонија има природни услови. Но, можеби најинтересните села се девастирани: останале само старци и ниту има кој да ги служи луѓето таму, да ја одржува хигиената. Треба многу да се вложува “.

Науме Мариновски, професор по туристичка географија на Факулетот за туризам во Охрид, е дециден: - „Постои можност за селски туризам врз основа на инфраструктурни вложувања, кои ќе ги подобрат санитарните и други можности за престој. Но, ние не можеме да пледираме априори за развој на туризмот, а да не ги имаме предвид овие основи “.

Останува отворено прашањето: Кога и во колкава мера ќе успее Македонија да се вклопи во новите трендови на европскиот и светскиот туризам, во кој урбаното се надополнува сега веќе и со руралното? Туристичкиот водич за Шара е само еден од чекорите во таа насока, од кој ќе се очекуваат првите резултати дури по 8 – 10 години.