1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Потврда на европскиот курс или незадоволство од темпото на реформи?

Во Македонија се различни оценките за стартот на пристапниот дијалог, чин што вчера во Скопје го реализираа eврокомесарот на проширување Штефан Филе и македонскиот премиер Никола Груевски.

default

Eврокомесарот на проширување Штефан Филе и македонскиот премиер Никола Груевски

Чекор напред на патот кон Брисел или утешна награда за неможноста да се почнат преговори со Европската Унија. Официјално Скопје го поздравува отворањето на пристапниот дијалог. Дури и аналитичарите блиски до опозицијата сметаат дека новата фаза во односите меѓу Македонија и Унијата е позитивна за земјата. Различни се толкувањата во однос на тоа дали дијалогот на високо ниво е потврда на европскиот курс или обид на Брисел да го врати Скопје на вистинскиот пат.

Мирчев: Значаен исчекор

Универзитетскиот професор Димитар Мирчев смета дека вчерашниот ден заслужува посебно место во хронологијата на македонските интегративни напори.

Informeller Beitrittsdialog auf hoher Ebene zwischen EU und Mazedonien

Eврокомесарот Штефан Филе

„Навистина мислам дека ова е значаен исчекор во македонското приближување до Европа. Гледам задоволство кај нашата јавност, секако ова водењето дијалог не е идентично со преговорите ама за оваа држава значи многу“, вели Мирчев.

Пендаровски: Дијалогот не е приближување до Унијата.

Спротивен е ставот на Стево Пендаровски, професор и Претседател на Советот за надворешна политика на СДСМ.

“Ова не значи приближување на Македонија кон Брисел. Добро е затоа што на најневралгичните точки на македонската демократија во последниве неколку години ќе имаме екстерен евалуатор“.

Во пристапниот дијалогот Европа бара фокусирање на точките кои се посочени како проблематични.

Боцевски: Потребен е дијалог за пософистицирани теми

Токму тоа за тапкање в место го смета поранешниот вицепремиер за евроинтеграции Ивица Боцевски. За него е загрижувачки тоа што по пет години откако беа дадени одредниците од Брисел, Македонија сеуште прима критики за владеењето на правото, слободата на изразување, пазарната економија. Боцевски очекува дијалог за пософистицирани теми.

Mazedonien Der Vizeministerpräsident Ivica Bocevski

Поранешниот македонски вицепремиер за евроинтеграции Ивица Боцевски.

“Тоа што загрижува е фактот што безмалку половина деценија откако тогашниот еврокомесар Оли Рен ги презентираше 8 одредници Македонија сеуште е заглавена околу надминување на овие прашања и сеуште суштината на разговорите се одвива за овие прашања. Тоа Македонија не смееше да си го дозволи, досега требаше да бидат затворени овие поглавја и постепено да се влезе во нови пософистицирани односи со ЕУ“.

Многу работи ќе бидат појасни и полесни за коментирање во мај кога во Скопје се враќа еврокомесарот Филе за да провери како се реализираат зададените приоритети. Дотогаш едните ќе го сметаат пристапниот дијалог за потврда на европските вредности, другите пак како шанса да се исправат грешките.

Автор: Горан Петрески

Редактор: Симе Недевски