1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Постигнат договор за царинењето стока за Косово

Белград и Приштина го потврдија договорот според кој целата неакцизна стока, која оди на северот на Косово и акцизната стока до 3,5 тони, ќе има слободен влез на територијата на Косово.

Спогодбата на двете групи би требало да стапи во сила утре, 20.12.2012, а во случај на нејзино непочитување, Белград најавува суспензија на примената на заедничкото управување со граничните премини.

Ден по почетокот на имплементацијата на спогодбата за заедничко управување на граничните премини, кој стапи во сила на два премина меѓу Србија и Косово на 10. декември оваа година, воочени се проблеми во примената на договорот. Следните седум дена во Брисел траеја разговорите на имплементирачките групи кои завршија синоќа.

Шефот на преговарачкиот тим на Блеград во техничкиот дијалог со Приштина, Дејан Павичевиќ, изјави дека постигнатиот договор е во согласност со она што порано беше утврдено на состанокот на премиерите на Србија и на Косово, Ивица Дачиќ и Хашим Тачи:

„Договорено е целата стока, која оди на северот на Косово и Метохија, да не биде подложена на никаква процедура. Тоа значи дека целата неакцизна стока и акцизната стока до 3,5 тони, која оди на север, ќе има слободен влез на територијата на Косово и Метохија“.

Hashim Thaci Premierminister Kosovo

Хашим Тачи, Кетрин Ештон и Ивица Дачиќ во Брисел, архива

Работните групи за примена на заедничкото управување со граничните премини се договорија и околу тоа сите документи кои ја следат стоката да се копираат „само со цел на водење статистички податоци“.

„Ваквото пресликување на документите, во тоа можеме да ги увериме нашите граѓани, нема на никој начин да се одрази врз нив, ниту пак ќе им прави какви било проблеми“, објаснува Павичевиќ.

Можна суспензија на заедничкото управување со премините

Последниот договор на имплементирачките групи, кој е во согласност со веќе постигнатата спогодба на Дачиќ и Тачи, ќе почне да се применува на премините под заедничка управа од утре, 20.12.2012 година од осум часот утрото и ќе биде во сила додека да почнат разговорите за трајно решение на поделбата на царинските приходи. Истовремено, Павичевиќ од Брисел уште еднаш ги повтори, како што истакнува, цврстите уверувања кои владата на Србија им ги даде на своите граѓани:

„Во случај да не се почитува овој договор и доколку неакцизната стока и акцизната стока до 3,5 тони наменета за северот на Косово и Метохија не поминуваат слободно на територијата на Косово и Метохија, спогодбата за интегрирано управување со административната линија ќе биде суспендирана“.