1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Посредник во речиси невозможна мисија

Од 2012. година специјалниот пратеник на ОН, Лакдар Брахими вложува напори за ставање крај на насилството во Сирија. Тој меѓутоа знае дека таа мисија би можела да биде и неуспешна.

Лакдар Брахими од самиот почеток знаеше дека ќе има тешка задача. „Во основа тоа е тешко да се реши“, изјави тој откако во 2012. година беше именуван за специјален пратеник на Обединетите нации за Сирија. Исто така, Брахими во интервју за Би-Би-Си изјави дека нема да се откаже: „Не можам да кажам дека задачите се невозможни, но речиси се невозможни“. Иако изгледите за успех на мисијата се мали, Брахими и по година и половина посредувачка работа не загуби волја: „Претстојната мировна конференција за Сирија е голема шанса која не смее да се пропушти“, истакнува тој.

Искусен посредник

Брахими од голем број други посреднички мисии знае што треба да се стори за да не се пропушти ваквата шанса. Од 1989 до 1991 година тој беше во ангажман на арбитар во либанската граѓанска војна. За време на таа мисија тој придонесе страните во судирот да потпишат договор со кој му беше ставен крај на насилството. Во име на Обединетите нации тој водеше мировни разговори во поранешната африканска држава Заир, потоа во Јемен, Либерија и Хаити. Во 1997. година се обиде да посредува и меѓу талибанците и племенските лидери во Авганистан. „Невозможна мисија“, рече Брахими и во есента 1999. година поднесе оставка на таа должност. Неуспехот меѓутоа не го спречи во 2001. година повторно да му се посвети на Авганистан.

По терористичките напади во САД на 11 септември 2001 година и повеќемесечните напади на американската армија врз позициите на талибанците во Авганистан, Брахими како специјален пратеник на ОН, подготви план кој се состоеше од 5 точки. Станува збор за планот кој доведе до формирање на преодна влада во земјата на чие чело беше избран Хамид Карзаи. Само неколку месеци подоцна Брахими замина во Ирак. По американската инвазија врз оваа земја во 2003. година, Брахими даде голем придонес за формирањето на преодна влада во Багдад, која започна со работа во летото 2004. година.

Седум смртни гревови на посредништвото

Искуствата стекнати за време на меѓународните посреднички мисии Брахими ги сублимираше во книгата „The Seven Deadly Sins of Mediation“, односно „Седум смртни гревови на посредништвото“. Седумте гревови тој ги означи со следниве имиња: игнорирање, ароганција, пристрасност, немоќ, омраза, нефлексибилност и погрешни ветувања.

Брахими пишува дека една определена грешка може уште на самиот почеток да ја доведе до неуспех дипломатската мисија. Тоа пред сѐ е потпирањето врз лица кои во кризните региони најдобро говорат англиски јазик. Тоа не е препорачливо од една причина - имено, тие многу често го говорат она што посредниците сакаат да го слушнат. „Мора да се слушнат сите страни“, пишува Брахими.

Борба за предуслови

Јазични недоразбирања на Брахими како роден Алжирец, кому арапскиот му е мајчин јазик, во сириската војна не би требало да му претставуваат проблем. Меѓутоа, тој предупредува дека завојуваните страни не го прават она што им го советуваат посредниците.

Така нему неколку дена пред почеток на конференцијата не му успеа да ја наговори сириската опозиција да учествува на неа. Националната коалиција на сириската опозиција и на револуционерните сили, најзначајната групација на противниците на претседателот Башар ал-Асад и натаму го остава отворено прашањето за нејзино учество на конференцијата. Националната коалиција истакнува дека ќе учествува на конференцијата доколку претседателот Асад не биде дел од преодната влада и доколку не игра никаква политичка улога во повоена Сирија.

Станува збор за барање кое Ахмед Џабра, претседател на националната коалиција, уште еднаш го повтори на состанокот на опозицијата со претставниците на земјите од групата наречена „Пријатели на Сирија“, кој минатиот викенд се одржа во Париз. Други противници на режимот на Асад, пак, немаат никаков интерес за мировни преговори. Џихадистичките групи и Ал Каеда се за соборување на Асад од власт, но и за основање на нов калифат на сириска територија.