1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Послушен парламент за Лукашенко

Седум милиони граѓани на Белорусија денеска (23.09) избираат нов парламент. Власта со години е во рацете на Александар Лукашенко, а парламентот само клима со главата на одлуките на авторитарниот претседател.

Денешниот 23 септември е денот на избори, но изборните места, а ги има над 6.000, се отворени уште на 18 септември. Без да се наведат причините за таквата одлука, секој граѓанин со право на глас може да гласа предвреме. Во државните соопштенија се вели дека на тој начин на граѓаните им се дава повеќе можност за практикување на изборното право. Недела, 23 септември, е ден кога луѓето мора да имаат време за посета на бабата на село или за уредување на градината.

Независните набљудувачи утврдија дека уште на првиот ден од предвременото гласање околу 50% од граѓаните со право на глас го направиле својот избор. Опозицијата се жали дека во многу претпријатија и јавни служби вработените биле принудени да одат на гласање под закани со отпуштања. Предвременото гласање на државниот апарат му остава доволно време, доколку е тоа неопходно, да ги замени гласачките ливчиња во своја полза.

Лукашенко ја напаѓа опозицијата

Претседателот Александар Лукашенко ветува „праведни избори“. Опозицијата само ја „пее старата песна“ за нелегитимност на изборите за да го оправда својот неминовен пораз, вели тој. „Овие луѓе, овие опозиционери, секогаш беа предавници на земјата и го труеја народот. Сега овие валкани ликови повторно молат за власт. Јасно е каква е нивната политика“, вели Лукашенко.

Избирачите се исфрустрирани и немаат интерес за политика. За една година валутата загуби две третини од куповната моќ. Лукашенко ветува наголемо дека просечната плата до крајот на годината ќе се зголеми на 500 долари, но избирачите не му веруваат ниту на претседателот ниту на опозицијата.

Опозицијата повикува на бојкот

Околу десет мали партии и движења ја претставуваат белоруската опозиција. Тие се делумно раскарани меѓу себе. Велат дека не се борат за власт, туку сакаат да покажат дека изборите се фарса. Неколку партии со месеци повикуваат на бојкот на изборите.

Непосредно пред изборите своите кандидати од трката ги повлече и една од најголемите опозициони партии „Обединета граѓанска партија“. Претседателот на партијата Анатоли Лебедко ги наведува причините: „На властодржците им поставивме три услови - ослободување на политичките затвореници, дозвола за присуство на наши претставници во изборните комисии и укинување на правото да се гласа пред денот на избори.“ Ништо од овие барања не е исполнето. „Затоа повикуваме - не учествувајте во оваа измама, не одете на избори“, нагласува Лебедко.

„Целата земја се плаши“

Опозицијата во Белорусија е ослабена поради многуте апсења и репресалии кои зачестија пред се‘ по претседателските избори во 2010 година. Многумина активисти веќе биле во затвор и немаат воопшто право да се кандидираат, а други ја напуштија земјата. На трети не им се дозволува излез на избори поради различни причини. Александар Милинкевич од „Движењето за слобода“ е огорчен. Демократската партија нема право да учествува ниту на овие избори. „Луѓето се плашат. Целата земја се плаши. Активистите се апсени поради учество на протести, на акции за собирање потписи, за своите алтернативни размислувања“, вели Милинкевич.

Сепак, се‘ уште има луѓе кои протестираат против системот Лукашенко, но не можат да направат ништо за промена на состојбите во земјата. Навидум и овој пат се‘ е демократски. Првпат имаше дури и телевизиски дуели меѓу кандидатите. Но победникот се знае однапред - Александар Лукашенко. Авторитарниот претседател најверојатно и по овие избори ќе добие послушен парламент кој не смее и не сака да каже ништо.