1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Последно патување на американскиот „шатл-дипломат“

Ричард Холбрук, специјалниот пратеник на САД за Авганистан и Пакистан, почина синоќа на 69-годишна возраст. Американскиот претседател Барак Обама го нарече гигант на американската дипломатија.

default

Американскиот дипломат Ричард Холбрук почина во Вашингтон по операцијата на пукнатата аорта

Од крајот на 60-те години Холбрук беше во служба на сите американски претседатели, како пратеник за справување со кризи во Азија, Европа и Блискиот Исток. Во 1995 година тој го достигна врвот во дипломатската кариера, со посредувањето за потпишување на Дејтонскиот договор, со кој беше ставен крај на војната во Босна. Холбрук во интервју за телевизискиот канал СиЕнЕн подоцна изјави:

„Мислам дека тоа беа најтешките преговори, 48 часа без спиење, луѓе гинеа, невозможен притисок и вкупно три преговарачки страни, Хрвати, Босанци и Срби.“

Желба да стане министер за надворешни работи

Richard Holbrooke in Bosnien

Холбрук учествуваше во преговорите за завршување на војната во Босна

Амбициозниот Холбрук потоа сакаше да стане американски министер за надворешни работи, но секој пат некој друг ја добиваше таа функција, прво Медлин Олбрајт, потоа Хилари Клинтон. Ричард Холбрук лесно стекнуваше пријатели, исто и во 1993 и 1994 година кога беше амбасадор на САД во Германија, родната земја на неговата мајка:

„Имам многу пријатели во Германија.“

Но, тој исто така брзо стекнуваше и непријатели. Некои сметаа дека е агресивен и строг. Многумина стравуваа од неговата тврдоглавост, која беше од корист во повеќе преговори, како на пример кога се разговараше за проширувањето на НАТО или за американските долгови во ОН. Министерката за надворешни работи на САД Хилари Клинтон го цени Ричард Холбрук како пријател, колега и соработник, кој успеа да урне неколку диктатори и во најтешките услови се залагаше за интересите на Америка.

„Пеколна задача“

Karsai und Holbrooke

Холбрук со авганистанскиот претседател Карзаи

Непосредно пред смртта на Холбрук американскиот претседател Обама рече дека 69-годишниот политичар е „жилав како кожа“ и ќе се бори за својот живот:

„Тој е вистински гигант на американската надворешна политика. Неуморен е и никогаш не се откажува, оти верува дека ако се работи сконцентрирано, можен е успех, војните може да се спречат и да се постигне мир.“

За неговата последна мисија од 2009 година како специјален пратеник за Авганистан и Пакистан Холбрук доби различни оценки. Најмногу беше критикуван поради тоа што немаше поблизок однос со авганистанскиот претседател Хамид Карзаи. Набљудувачите во Вашингтон велат дека работата како специјален пратеник била „пеколна задача“, која го исцрпила психички и физички. Ричард Холбрук станал жртва на војната во Авганистан.

Автор: Сабине Милер/ Јасна Мушиќ Јанчулева