1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Европа

Последни ловци на последните нацистички злосторници

Полицискиот комесар Вилмс и државниот обвинител Брендел и 70 години по крајот на Втората светска војна трагаат по нацистички злосторници. Осомничените денес се стари лица, така што борбата за правда е и борба со времето.

„Убиството не застарува“, кусо одговара Андреас Брендел на прашањето дали е легитимно пред суд да се изведе човек од 92 години. Брендел е државен обвинител и негова должност е да ги истражува најтешките злосторства. „Сѐ уште постојат жртви и семејства на жртвите“, потсетува Брендел, кој веќе 10 години е на чело на Централата за решавање на национал-солијалистичките злосторства во Дортмунд.

Комесарот Штефан Вилмс исто така ги истражува нацистичките злосторства. Тој ја води групата истражители при покраинската полиција во Диселдорф, и неговото оделение е единствено во Германија, бидејќи ги истражува исклучиво злосторствата од периодот на владеењето на Адолф Хитлер. Вилмс и Брендел тесно соработуваат и подеднакво се решени на жртвите да им пружат некаква правда. „На луѓето тоа им е важно“, вели Вилмс.

Тој се присетува на истрагата на масовно убиство во Италија. Тогаш во еден подрум се стрелани 60 луѓе. Преживеало само едно момче. Откако конечно го дал исказот преживеаниот го прегрнал Вилмс и му се заблагодарил. „Ме чекал 69 години“, вели комесарот. Можеби во работата му помага тоа што е роден дури по 1956. година и што жртвите знаат дека не учествувал во злосторствата на нацистите. Тој сепак ја чувствува тежината на тие злосторства: „Како Германец, чувствувам одредена одговорност за она што се случило“, тврди Вилмс.

Kriminalhauptkommissar Stefan Willms LKA Düsseldorf

Комесарот Штефан Вилмс

Обвинетиот има 92 години

Андреас Брендел влегува во Палатата на правдата во Хаг. Црн костум, бела кошула, вратоврска, очила, многу официјално. Во судницата на покраинскиот суд се испитува случајот на Зирт Бруинс. Бруинс во есента 1944. бил припадник на Службата за безбедност и контрола на границата во Холандија. Обвинет е дека во тој период учествувал во убиството на еден од припадниците на движењето на отпорот. Бруинс сега има 92 години. Веќе нема преживеани сведоци, па се сослушуваат учесниците на еден поранешен процес против обвинетиот.

Имено, кога овој Холанѓанин првпат се нашол пред суд во 1980. година бил осуден за убиство без предумисла. „Разликата меѓу првостепено и второстепено убиство е намерата“, објаснува Брендел, а на тоа прашање, додава, сега се гледа поинаку отколку во текот на 80-тите години. Дали тоа значи дека тогашните судови биле преблаги кон нацистите? Брендел не сака да се занимава со тоа. Тој сака сега да се погрижи за правда, а не да се прашува зошто таа стигнува доцна.

Масакрот кај Орадур

Siert Bruins Prozess Landgericht Hagen 12.09.2013

Обвинителот Андреас Брендел

Истовремено, Андреас Брендел и Штефан Вилмс не одговараат на клишето на фанатични ловци на нацисти. Својата работа ја вршат со ладни глави. Неодамна заедно истражуваа во Франција, во местото Орадур сур Глан. Таму германскиот Вермахт летото 1944. извршил масакар. Собрани се луѓето од целото село, одделени се мажите и жените од децата и потоа се убиени. Преживеале само неколку луѓе. Обвинителството во Дортмунд врши истрага против тогашните припадници на оклопниот полк „Фирер на озлогласените СС единици“. Германската јавност дури неодамна слушна за тој масакр, но Брендел и Вилмс одамна го истражуваат. Веќе разговараа со преживеаните и го подготвуваат списокот на сведоци.

Во Германија двајцата ги пребаруваат домовите на осомничените. Не смеат да одговараат на прашања за истрагите кои се во тек, но можат да зборуваат за доказните материјали кои ги нашле порано. Често се тоа дневници или писма, во кои има реченици како: „Во недела навечер со тројца другари тргнав по тројца Евреи од оваа област. Ги убивме на светлината на месечината покрај еврејските гробишта.“ Нашле и ордени и фотографии на кои се гледаат местата на злосторствата, дури и едно оружје со кое е извршено злосторство.

Времето- најголем непријател

Двајцата ловци на нацисти постојано се консултираат за време на истрагата. „Телефонираме барем еднаш неделно, а најмалку двапати месечно и се гледаме“, вели Вилмс. Брендел често добива злонамерни писма во кои го обвинуваат дека малтретира старци. Писмата како што вели, ги чува во својот регал. Еднаш има добиено и сериозни закани во кои е споменато и неговото семејство. „Тогаш веќе нема шега“ , вели Брендел.

Брендел и Вилмс ќе родолжат со истрагата на нацистички злосторства. „Веројатно ќе работиме сѐ додека не почине и последниот нацистички злосторник“, истакнува Брендел. Времето проаѓа и тоа е најголемиот непријател на нивните истраги. Јавноста неодамна дозна и дека во Германија се води истрага против 30 чувари од злогласниот логор Аушвиц.

Поврзана содржина