1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Последните американски трупи го напуштија Ирак

Девет години по почетокот на Ирачката војна, американските трупи ја напуштија земјата. Последниот конвој од околу 500 американски војници и стотина оклопни возила ја премина границата кон соседниот Кувајт.

default

Крај на американската мисија во Ирак

Американскиот претседател Барак Обама во октомври најави дека до крајот на годината и последните американски војници ќе бидат повлечени од Ирак. Но, САД и натаму ќе останат партнер на Ирачаните и ќе ги помагаат. По повод повлекувањето, Обама повика на национално единство и им оддаде признание на американските вооружени сили кои приближно девет години војуваа во Ирак.

„Сега е нашиот ред да им служиме на овие смели мажи и жени, толку добро колку што тие ни служеа нам. Има причина што нашите вооружени сили се најпочитуваната институција во САД. Тие не се доживуваат на прво место како Демократи или Републиканци. Тие на прво место се доживуваат како Американци. При се‘ поголеми разлики тие ни напоменуваат дека сме дел од нешто поголемо, дека сме една нација и еден народ“, изјави Обама во своето неделно радио обраќање до нацијата.

Flash-Galerie US-Abzug aus dem Irak

Обама изјави дека нацијата треба да ги вклучи своите војници, кои се враќаат, во обновата на нејзината економија и забележа дека поколението на дедо му се вратило од Првата светска војна „за да го формира ‘рбетот на една от најголемите средни класи во историјата“.

Американските војници во четвртокот симболично во Багдад го одбележаа крајот на своето присуство во Ирак, каде во март 2003 година ја почнаа својата воена операција. Нивната цел беше соборување на диктаторот Садам Хусеин. Во спорната војна загинаа речиси 4500 американски војници и беа убиени десетици илјади Ирачани. Во одредени периоди во Ирак беа стационирани до 170 илјади американски војници.

НАТО ја прекина тренинг мисијата во Ирак

НАТО пак вчера ја прекина својата тренинг мисија во Ирак, поради одбивањето на Багдад да го почитува имунитетот за инструкторите.

Алијансата бараше со ирачката влада да потпише спогодба за имунитетот, без да бара одобрение од ирачкиот парламент, но ирачките правни советници инсистираа на тоа дека ваквото парламентарно одобрување е неопходно, објасни шефот на мисијата, американскиот генерал Роберт Каслен.

Flash-Galerie US-Abzug aus dem Irak

„Постоеше надеж за продолжување на мисијата и по 2011 година, но треба да ја прекратиме порано отколку што се надевавме“, призна во писмо адмирал Џејмс Ставридис, командант на силите на САД во Европа.

Целта на тренинг мисијата на НАТО во Ирак беше да помогне „во развојот на структурите и институциите за обука на ирачките сили за безбедност“.

Во ноември 12 земји беа претставени во мисијата, која броеше 120 војници. Сите ќе ја напуштат земјата на крајот од годината.

Мисијата на НАТО обучи над 5.000 војници и 10.000 полицајци и и‘ додели воена опрема во вредност од над 115 милиони евра, се наведува во податоците на Алијансата.

Автор: ЖА/ АТ/ дв/ миа

Редактор: Александра Трајковска

DW.COM