1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

„Последна шанса“ за Муслиманските браќа

Египетската армија им постави ултиматум на поддржувачите на соборениот претседател Мохамед Мурси да се вклучат во процесот на помирување во земјата. Денеска претстојат нови масовни демонстрации во земјата.

Египетската армија издаде соопштение на исламистите во кое им даде рок од 48 часа односно до сабота вечер да се вклучат во дијалогот за национално помирување во земјата. По истекот на рокот поддржувачите на доскорешниот претседател Мохамед Мурси , кој беше соборен од власт, ќе мора да се соочат со заострени мерки, се наведува во соопштението на армијата, кое го пренесоа арапските медиуми. Во соопштението, насловено како „Последна шанса“, не се експлицитно наведени Муслиманските браќа од чии редови доаѓа Мурси.

Повеќе од три недели по неговото соборување од власт, на Египет денеска му претстојат нови масовни демонстрации. Приврзениците и противниците на новата египетска влада најавија протести на милиони по денешните традиционални петочни муслимански молитви.

Бан бара ослободување на Мурси

Администрацијата на американскиот претседател Барак Обама во меѓувреме порача дека нема намера да прогласи дали во Египет е изведен воен удар, изјави висок американски функционер, со што се избегнува одлуката којашто автоматски би довела до прекин на американската воена помош на Египет.

Зборувајќи пред претставниците на Конгресот, заменикот на американскиот државен секретар Вилијам Барнс изјави дека администрацијата нема да извлекува никакви заклучоци за тоа дали постапката за отстранувањето на исламистичкиот претседател Мохамед Мурси бил воен удар.

Од другастрана генералниот секретар на ОН Бан Ки Мун ја повика египетската армија да го ослободи соборениот претседател Мохамед Мурси и други лидери на Муслиманско братство, кои се наоѓаат во затвор.

Бан повика или Мурси или неговите сојузници да бидат ослободени, или нивниот случај да биде разгледан на еден транспарентен начин што е можно побрзо. Мурси и неговите соработници се наоѓаат на тајно место откако беше соборен од власт на 3 јули.

Портпаролот на генералниот секретар на ОН истакна дека тој со загриженост ги следи настаните во Египет.