1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Последната шанса на Обама?

Американскиот претседател Обама во говорот до нацијата најави борба против растечката социјална нееднаквост во САД. Тој вети ќе стори сѐ за да ја подобри состојбата на средниот слој. Дали со тоа одговори на критиките?

Американскиот претседател Барак Обама оцени дека додека добивките за претпријатијата растат и се зголемуваат курсевите на акциите, средниот слој во општеството е запоставен. Платите одвај растат, а и преголем број Американци, и покрај опоравувањето на економијата, се‘ уште се без работа. Тој вети дека ќе направи се‘ за тоа да се промени. Доколку е неопходно, мерките ќе се носат со декрет, заобиколувајќи го Конгресот, рече претседателот, додавајќи дека ќе биде зголемена минималната плата на оние што работат за државата на 10,10 долари за работен час. На надворешнополитички план Обама има намера да избегнува нови војни и укажа на завршувањето на ангажманот во Ирак, од каде воените трупи треба целосно да се повлечат до крајот на годинава. Тоа, сепак, нема да промени ништо во неопходноста од борба против тероризмот, нагласи американскиот претседател.

Дали со говорот до нацијата американскиот претседател го направи вистинското за да се спротивстави на своите критичари, или останува и натаму во дефанзива?

„Видовме претседател кој знае дека е соочен со сериозни предизвици“, оценува за Дојче веле Метју Дас од Центарот за американски напредок. „Тој остави простор да се сфати дека има фрустрации со Конгресот. Но видовме претседател кој сака и натаму да се обидува. Да се обидува да соработува со Конгресот, истовремено ставајќи јасно до знаење дека ќе ја спроведува својата агенда ако е неопходно и без Конгресот.“

Говор „леб и путер“

ПР-тимот на Обама во изминатите денови подгреа високи очекувања, но на крајот, и покрај познатото реторичко мајсторство на претседателот, говорот сепак беше „леб и путер“. Обама на многумина им вети многу нешта - од образование кое нема да биде прескапо, преку закони за доселување, до теми како Гвантанамо, заштита на околината, зголемување на минималната плата. „Ако зборуваме за шансите да се случат многу работи по овој говор, мора да кажам дека тие се ограничени“, нагласува Стивен Хес од реномираната тинк-тенк организација Брукингс. „Тој е соочен со Конгрес кој јасно стави до знаење дека нема да му даде ништо и дека нема да го поддржи.“

Тешка појдовна позиција за Обама

Петтиот говор до нацијата на Обама беше неговиот најдолг и најтежок говор. И покрај добриот економски развој и намалувањето на бројот на невработени, неговиот рејтинг кај Американците е низок, а бројот на неуспешни законски иницијативи висок.

„Вашингтон пост“ ги анализираше најавите на претседателот што тој ги даде за време на претходниот говор до нацијата. Од 24 предлози, спроведени се само пет. Останатите не успеаја да минат во Конгресот. Не е чудо што претседателот годинава мораше да се повторува. За во 2015 година да има подобра позиција, тој сака ако е потребно и да ги заобиколи претставниците на народот и со тоа да покаже дека е способен да дејствува.

Barack Obama Rede zur Lage der Nation 2014

Ова беше најдолгиот говор на Обама досега

„Ужасна година“

„Мислам дека тој нема друг избор“, вели Хес. „Минатата година, поттикнат од реизборот, даде големи предлози. Резултатот беше - ужасна година. Неговите надежи за нов закон за оружје, за реформа на доселувањето, сето тоа не успеа. А згора на се‘ доаѓа лошото спроведување на Обамакер. Обама не може да се потпре на Конгресот. Ако сака нешто да постигне, тоа мора да го стори сам.“ Прашањето е само колку моќ има претседателот за вакво егзекутивни одлуки. Тој може да направи многу ситни работи, но ниту една вистински голема и одржлива.

Социјалните теми се популарни

Едно од тежиштата на говорот на Обама беше борбата против растечката социјална нееднаквост. Тој најави дека со декрет ќе ги зголеми минималните плати за фирмите кои имаат договори со Владата во Вашингтон. Хаусмајсторите и градежниците во иднина ќе добиваат 10,10 долари наместо 7,40 долари како досега, рече Обама. Но за со тоа да бидат опфатени сите 17 милиони работници во САД ќе биде неопходен закон донесен во Конгресот. Сето тоа се „празни ветувања“ велат републиканците за ваквите и други мерки. Сепак, очигледно стравуваат од силата на ваквите најави, зашто првпат на говорот на Обама не реагираше, како што традиционално е вообичено, еден, туку дури четворица републиканци.

Впечатливо е што Обама во говорот голем дел отстапи за кризните жаришта во светот - Авганистан, Сирија, Ирак и Иран. Републиканскиот сенатор Џон Меккејн за ДВ оценува дека американскиот претседател нема лидерска сила: „Таа не постои кога станува збор за безбедноста на нацијата. Се‘ што тој вели е дека сака да се повлече. Вели дека сака да се повлече од Ирак и се повлекува. Вели сака повлекување од Авганистан.“ Но досега Обама не кажа колку војници треба да останат во Авганистан. Заклучокот на Меккејн гласи: „Нема лидерство. Ова е срамно поглавје во нашата историја.“

Поранешниот дипломат Франк Лој не се согласува со ваквите ставови. Во говорот на Обама за Иран тој дури гледа една од „најхрабрите“ изјави досега. Тоа се однесува на делот каде Обама на Конгресот му се заканува со вето доколку бидат донесени нови санкции против Иран.

Европа одвај спомната

Европа и трансатлантскиот простор во говорот на Обама беа споменати со само една реченица, исто како и аферата со НСА. Притоа американскиот претседател не се осврна на европската загриженост во врска со прислушувањето. Советот на републиканецот Меккејн пак гласи: „Тој треба ним (на Европејците) да им даде уверување дека ќе соработува со нив како што правевме и кога имавме големи разлики и дека реформите ќе спречат вакви срамни постапки во иднина.“

Сепак, сенаторот може да биде задоволен барем со зборовите на Обама за Украина. „Се надевам дека јасно ќе се спротивстави на насилство и ќе се заложи за тоа да биде спроведена волјата на украинскиот народ“, рече Меккејн непосрендо пред говорот на Обама. Формулација речиси иста како онаа на претседателот. Редок случај на единство на двајцата по некое прашање.