1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Последици врз Израел од промена на политиката на САД во Ирак?

Претстои пренасочување на американската политика во регионот. Олмерт со неограничена доверба во Буш, Бен-Ами гледа ризици за Израел.

Што ќе препорача Комисијата на Бејкер?

Што ќе препорача Комисијата на Бејкер?

Комисијата Бејкер-Хемилтон денеска треба да го поднесе својот извештај за политиката на американската влада во Ирак. Во него, според досегашните најави, треба да биде содржана и препорака за постепено повлекување на американската војска. Силното воено присуство на САД во регионот за Израел беше нешто како животно осигурување. Како израелската влада реагира на престојното пренасочување на американската политика спрема Ирак?

Израелскиот премиер Ехуд Олмерт искажа цврсто уверување дека нема да дојде до промена на американската блискоисточна политика што би одело на товар на безбедноста на неговата земја. Израел не би можел да си посака подобар челник во Белата куќа од сегашниот претседател, рече Олмерт на годишното собрание на една американско-еврејска организација во Ерусалим: “На страната на претседателот сум оти знам дека Ирак без Садам Хусеин е многу подобар за безбедноста и за заштитата на Израел и на неговите соседи”.

За време на посетата на Вашингтон пред неколку недели, Џорџ Буш му потврдил дека во најбитното се’ ќе остане по старо и нема да му врши притисок за отстапки спрема Палестинците. Разговори со палестинската влада на Хамас не биле потребни се’ додека таа не ги исполни трите услови поставени од Западот, пред се’ признавање на Израел.

За разлика од својот претходник Ариел Шарон, Олмерт јавно зборува за безбедносно-политичка полза за Израел од ирачката војна: “Ирак без Садам Хусеин е за нас многу подобар, отколку Ирак со Садам. Фала му на Господа за смелоста, решителноста и лидерската сила што воодушевувачки ги демонстрира Џорџ Буш со оглед на тој предизвик”.

Некои израелски политичари не ја споделуваат неограничената подршка за политички начнатиот американски претседател. Поранешниот министер за надворешни работи Шломо Бен-Ами гледа меѓузависност на воениот неуспех на супер-силата во Ирак со неодамнешната војна во Либан. Проиранската милиција на Хезболах, како и Хамас на палестинските територии, извлекоа поука од настаните во Ирак: дека со терор и отпор е можно да бидат предизвикани воено надмоќни нации. Во време на асиметрично водење на војна, војничката премоќ веќе не води кон успех, па присуството на американски трупи во Ирак има непосредно негативно влијание врз безбедноста на Ирзаел, оцени Бен-Ами.

Покрај тоа, многу трпи угледот на САД на Блискиот и Среден исток. Америка сега таму мора да соработува не само со Русија, Кина и ЕУ, туку и со регионалните сили Сирија и Иран, со кои порано или подоцна ќе мора да преговара. Оти, ситуацијата во Ирак бара “регионално решение”. И во тој поглед ерозијата на моќта на САД на Блискиот исток има влијание и врз Израел. Конечно, стремежот на Иран да го прошири своето воено-политичко влијание од Ирак, преку Сирија, па се’ до Либан и палестинските подрачја, може успешно да биде пресретнат само ако израелската влада го реши палестинскиот конфликт.

Мрачната, но исто толку и реална прогноза на Бен-Ами е дека умерените арапски држави како Саудиска Арабија, Египет и Јордан, по неколку години веќе нема да бидат во состојба да ја одржат својата понуда од 2002-ра година: дипломатско признание и мир на Израел со арапските соседи во замена за далекусежно напуштање на окупираните територии.