1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Последен рок за Сирија

Ситуацијата во Сирија и натаму се влошува, населението страда се‘ повеќе, проценуваат ОН. Сирискиот режим ги продолжил нападите врз повеќе градови пред стапувањето на сила на договореното примирје.

Генералниот секретар на ОН, Бан Ки Мун упати барање до сириската влада и опозицијата да се придржуваат до примирјето кое треба да почне следната недела. Кризата во Сирија е една од најважни теми во моментов, оцени Бан.

„Повеќе од една година се бориме за мирот. Меѓутоа бројот на жртвите расте секој ден“. Луѓето се жртви на страшно насилство, вклучително и силувања. Градовите и населбите прераснаа во воено поле, критикуваше Бан.

„Повеќе од еден милион луѓе имаат потреба од хуманитарна помош, десетици илјади пребегаа во соседните земји. Не смееме да го оставиме сирискиот народ сам на себе“.

Ban Ki Moon und Kofi Annan Treffen in NY

Бан Ки Мун и Кофи Анан, архива

Советот за безбедност на ОН со едногласно усвоен документ бара консеквентно да се почитува договореното примирје кое треба да почне од вторник идната недела. Владата во Дамаск мора „итно и видливо да ги спроведе своите обврски“, се вели во документот. Во него исто така итно се бара и од опозицијата, да го положи оружјето. Мировниот план на специјалниот пратеник за Сирија, Кофи Анан, предвидува до 10. април да биде повлечено тешкото оружје од конфликтните подрачја и во рок од 48 часа да стапи на сила прекин на огнот. Според сопствени наводи, сириската влада се повлекува од градовите во земјата. Анан вчера преку видеоконференција го информираше Советот за безбедност дека сириската влада го информирала, оти спроведува делумно повлекување од бастионите на опозицијата Идлиб, Сабадани и Дараа. За ова меѓутоа нема потврда. Асад мора „итно“ да стори „многу повеќе“ за да може да се испочитува рокот, појасни Анан.

Бунтовниците од своја страна информираат за засилени напади на режимот. Повеќе градови во целата земја биле под оган, а пешадијата напредувала и натаму. Наводите од Сирија не може да бидат проверени.

Според проценките на ОН од почетокот на судирите во Сирија во март 2011. година загинале повеќе од 9.000 луѓе, додека околу 40.000 Сиријци се во бегство.