1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Теми на денот

Последен говор на Јоханес Рау пред заминувањето од функцијата

Годишно обраќање на шефот на државата, кој годинава како тема ја одбра “Довербата во Германија“

Јоханес Рау

Јоханес Рау

“Уште никогаш до сега луѓето во Германија немале толку малку доверба во политиката на една влада и истовремено не верувале дека опозицијата може да стори нешто подобро. Ова е израз на длабока криза на довербата“ - ја посочи директно главната болка на актуелниот општествен миг во Германија, претседателот Јоханес Рау, повикувајќи ги сите одговорни да сторат се за надминување на кризата. “Мораме да се прашаме дали навистина толку многу нешта се реално лоши во нашата земја или пак само за нив лошо се зборува. Јас не познавам ниту една друга земја на светот, во која толку голем број носители на функции со толкав жар зборуваат толку лошо за сопствената замја, како кај нас“ - критикуваше денеска Рау во последниот негов “Берлински говор“.

“Загубата на доверба има меѓутоа и многу цврсти причини“ - продолжи Рау, посочувајќи дека сме сведоци на растечки број случаи на бескруполозна злоупотреба на јавната или стопанска функција. “Егоизмот, похлепата и менталитетот само да се бара за себе во делови од нашата т.н. општествена елита ја слабеат довербата во институциите, бидејќи функционерите се чини ги загубиле сите критериуми за она што е исправно и праведно!“

Од друга страна довербата конкретно во политиката граѓаните ја губат кога гледаат дека политичарите се борат само за сопствен успех или за успех на партијата на која и припаѓаат, заборавајќи го при тоа општествениот интерес:

“Политиката меѓутоа мора во прва линија да биде судир околу целите и најдобрите решенија. Развојот на дебатата околу политиката на доселување и интеграција на странците е посебно тежок случај на ваков вид неодговорна политика“ - директно го впери прстот претседателот на државата.

Конечно, Јоханес Рау како една од најголемите причини за загуба на довербата е очигледната неефикасност на сите оние кои треба да сторат нешто за надминување на проблемот на невработеноста. Граѓаните не можат да имаат доверба во иднината, ако секојдневно мораат да стравуваат за своето работно место. Освен тоа кога политичарите постојано ја оцрнуваат вкупната ситуација, тогаш ниту граѓаните се осмелуваат да купуваат и вложуваат пари, ниту пак претпријатијата да иневстираат во нови производни погони. “Невработеноста стана голема рана на нашето општество“, заклучи Јоханес Рау. Секако дека никој нема во џебот патент за успех, но оцрнувањето на состојбите секако никому не помага. Стопанската политика дури до 50% се базира врз психолошкиот фактор, посочи претседателот.

Тој на крајот ги повика сите сограѓани да сфатат дека државата, општеството, земјата, тоа сме ние, тоа е секој од нас. Тоа е наша заедничка работа и затоа мора да ги вложиме сите сили за надминување на кризата:

“Оној кој нешто сака да измени во нашата земја, тој мора и самиот да стори нешто за таа промена!“ - порача на крајот од мандатот, германскиот претседател Јоханес Рау.