1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Теми

Последен воз на генерацијата

Заврши есенскиот дел од првата ракометна лига на Македонија. Со 12 победи, без пораз, Металург е на пат да ја одбрани ланската титула. Еден од главните столбови на успехот е голманот Петар Ангелов.

default

Петар Ангелов

Скопска Автокоманда и натаму останува центарот на македонските ракометни збиднувања. Металург ја завршува првенствената полусезона како апсолутен лидер без пораз. Еден од главните столбови на успехот е голманот Петар Ангелов. Тој вели-во добро расположение во Металург ќе бидат дочекани претстојните празници.

„Ние сме задоволни од она што го постигнавме. Направивме добар резултат, не загубивме ниту еден натпревар во првенството. Тоа е добро за презимување и за добри празници.“

Гепинген, следен противник во Купот на ЕХФ

Металург засега одлично чекори и во Купот на ЕХФ. Силата ја демонстрира против Иври, претставникот на Франција, земјата според резултатите, водечка во ракометот. Со две уверливи победи во Скопје и во Париз, Металург ги елиминира Французите. Во четвртфиналето следи хит-двобојот против германскиот Гепинген. Ангелов со многу респект зборува за германскиот тим.

„Според резултатите во германското првенство, тоа е доста добар тим. Ние сигурно нема да отидеме таму и да се предадеме. Ќе одиме да играме, и тие се од крв и месо, а ние добро ќе се подготвиме. Гепинген го познаваме многу добро. Тие играат во германската лига, која е една од најсилните во Европа.“

Mazedonien Handball Nationalmannschaft

Играч со огромно искуство

Петар Ангелов 33-годишен, е со огромно голманско искуство зад себе калено 6 години во Пелистер, 4 сезони во францускиот Трембле, лани во Вардар. Одличен е и на голот на репрезентацијата на Македонија, која годината ја завршува со добри шанси за пласман на следното Европско првенство.

„После десет години отидовме на светско првенство. Ова е т.н. последен воз на оваа генерација ракометари. Моментно имаме добри резултати. Во март играме со Унгарија, и ќе дадеме се‘ од себе да победиме, и да ги добиеме сите натпревари на домашен терен, а ќе играме добро и на гостински терен.“

Петар Ангелов, миленикот на навивачите со прекарот Диви, ја користи можноста на младите да им порача и натаму да бидат со Металург и со македонската ракометна репрезентација, но и самите да спортуваат, што е можно повеќе.

Автор: Златко Калински

Редактор: Жана Ацеска