1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Економија

Поскапо ама без контрола?

Македонската влада најавува издавање еврообврзници. Експертите анализираат дали се одбира поскапиот начин да се дојде до свежи пари само поради тоа што може да се трошат без контрола.

default

Зградата на македонската влада

Македонија годинава ќе издаде еврообврзница за да обезбеди пари за покривање на буџетскиот дефицит. Износот допрва треба да биде утврден, ќе се анализира состојбата на меѓународните финансиски пазари и ќе се опипува пулсот на можните купувачи по што ќе биде одредена цената и каматата.

“Нашите размислувања се дека кон средината на годината или втората половина може да се направат подготовки за издавање на еврообврзницата“, објаснува министерот за финансии Зоран Ставревски.

Еврообврзницата ја најави министерот за надворешни работи Антонио Милошоски пред своите европски колеги на словенечкиот самит во Брдо. Опозицијата во Македонија ја дочека најавата на нож.

“Дали повторно Владата ќе ја одбере еврообврзницата со многу повисока каматна стапка од позајмување на друг начин. Минатата година имаше можност да договори аранжман со ММФ таа одбра да се задолжи со еврообврзница по пет пати повисока каматна стапка. Тоа сите граѓани ги чини 47 милиони евра повеќе за плаќање камата“, реагираше Зоран Јовановски од СДСМ.

Политички опортунизам

Logo IMF Internationaler Währungsfond

Задолжувањето кај ММФ значи поголема контрола на трошењето

Експертите кои ги анкетираше Дојче Веле се согласни дека Македонија како ниско задолжена земја има можност и треба да се задолжува за да го стимулира економскиот развој. Спорен е начинот на обезбедување на свежи пари. Универзитетскиот професор Абдулменаф Беџети смета дека еврообврзницата е поскап модел на задолжување отколку договор за кредит со ММФ но владата го избира бидејќи ќе може да ги троши парите без контрола.

„ Веројатно политичкиот опортунизам е во прашање, кредиторите кои јас ги спомнав сакаат да имаат увид во структурата, обемот и начинот на трошење, а Владата не сака да го загуби својот комодитет“.

Професорот Томе Неновски не се согласува со ставот на Беџети.

“Ако пресметаме колкав број на невработени би можел да остане како резултат на стегање на фискалната политика под команда на ММФ тогаш да видиме што е поголемо зло за економијата, повисоката камата или поголемиот број на невработени“

Да се одбере модел на домашно задолжување

Претходникот на Ставревски, професорот Трајко Славевски кој лани од позиција на министер за финансии го реализираше проектот еврообврзници вели:

„ Не е прашањето некој да го контролира трошењето туку концептот. Аранжманот со ММФ значи многу повеќе. Значи промена на политиките, откажување од некои проекти. “

Според Славевски издавањето на еврообрвзницата е елегантен начин на задолжување, но во истовреме многу неизвесен. Македонија нема инвестициски рејтинг што значи дека потрагата по инвеститори ќе оди тешко а цената како и лани ќе биде релативно висока, смета екс министерот.

Неновски смета дека Македонија треба да одбере модел на домашно задолжување.

Македонија досега во два наврати издаде еврообрзници. Лани во износ од 175 милиони евра и во 2005 година кога државата инкасираше 150 милиони евра.

Автор: Горан Петревски

Редактор: Симе Недевски